Aнтонио Боџа - првиот сериски убиец од Милано

Бил пример за добар сосед, посветен работник и хуманитарец. Но едно нешто во врска со Боџа не се вклопувало во ваквиот профил - фактот дека целиот подрум му бил полн со човечки скелети, на луѓе кои тој ги убил.

На 26 февруари 1860 Џовани Мауриер, кој работел како керамичар, отишол во миланската полиција за да го пријави исчезнувањето на својата мајка, Естер Марија Перочио, 70-годишна вдовица која живеела на улицата Санта Марија број 10.

Полицијата веднаш се ангажирала, со оглед на тоа што поголем број луѓе во тој период исчезнале во истата населба, под слични околности. Мауриер изјавил дека неколку денови пред да ја снема, мајка му му се доверила дека влегла во бизнис со еден од соседите, кој ѝ ветил дека ќе ѝ покаже некои ретки и скапи антиквитети. 

Човекот се викал Антонио Боџа, бил роден на езерото Комо, и уште од млад се посветил на градежништвото и претприемаштвото, но загубил сè поради серија економски проблеми. Неколку години подоцна Боџа се вратил во Милано, каде работел како дрводелец и ѕидар. Бил работлив и сите го сакале поради друштвеноста. Често давал донации на локалната црква, а помагал и на сиромашните.

Но полициската истрага покажала дека неколку години порано Боџа бил во притвор поради обид за убиство на сметководител, а потоа бил пуштен но откако добил соодветен психијатриски третман.

Бидејќи веќе имала око на него, полицијата наредила инспекција на куќата каде пронашле тајно место под скалите, остатоци од госпоѓата Перочио но без нозе и глава. 

Фатен во небрано, Боџа признал дека извршил уште три други убиство, а целта наводно му била да им ги земе парите. Нивните тела ги чувал в подрумот, каде полицијата ги нашла скелетите. 

Жителите на Милано биле шокирани дека еден од нивните најценети граѓани бил суров убиец и крадец. На 18 ноември 1861 почнало судењето против него. Адвокатот сакал да го претстави како луд, но ова не му успеало. На Боџа му е одредена смртна казна, без можност за жалба. На 6 април во присуство на голема толпа милански граѓани возбудени од големиот настан, Боџа бил обесен. 

Но тука не завршува неговата приказна. Неговиот череп му бил даден на Чезаре Момбросо, тогаш професор по анатомија, кој по тогашниот тренд вршел истражувања на физичките карактеристики на криминалците, во обид да најде нешто заедничко за сите нив. Черепот на Боџа останал во бонлицата Маџоре во Милано до Втората светска војна, кога бил загубен во текот на германското бомбардирање на Милано. 

6 јули 2022 - 09:54