Aнти-натализам: дали е подобро да не си се родел?

Звучи како клетва упатена во афект од гневен родител („што те родив“), или како нешто што во моменти на очај човек си го кажува самиот на себе („камо среќа да не се родев“). Но чисто филозофски, дали постојат аргументи за тоа дека е подобро човек никогаш да не дошол на овој свет?

Дејвид Бенатар (1966), професор по филозофија кој предава на Универзитетот во Кејптаун, Јужна Африка, во моментов ја носи титулата најпесимистичен филозоф на светот. А не е ни чудно, кога ќе се земе предвид насловот на неговата најпозната книга од 2006, „Подобро никогаш да не се биде: штетата од тоа да постоиш“. Според Бенатар, кого го вбројуват во таборот на анти-наталистите, животот е толку болен и лош што човечките суштества од милосрдие би требало да престанат да имаат деца. „Добрите луѓе прават сè за да ги заштитат своите потомци од страдање, но малкумина од нив сфаќаат дека единствениот гарантиран начин да се превенира сето страдање на нивните деца е тие воопшто да не биле родени“, пишува тој во споменатата книга. Според него репродуцирањето е сурова и неодговорна постапка, не само затоа што отвара можност за ужасна судбина, туку затоа што самиот живот е лошотија.

Како за нихилист, Бенатар има приличен број следбеници, а Ник Пицолато, сценаристот на „Вистински детектив“ го креирал Расти Кол, ликот кој го игра Метју МекКонахи, врз основа на ставовите на овој филозоф. Сега тој има и нова книга, „Човечката несреќа: добронамерен водич низ најголемите животни прашања“ која ги проширува, контекстуализира и рафинира неговите веќе познати анти-наталистички ставови. Почнува со епиграф од „Четирите квартети“ на Т. С. Елиот - „Човечкиот вид не може да поднесе многу реалност“, а ветува одговори на „мрачни“ прашања како „Дали нашите животи имаат значење?“ или „Дали би било подобро ако живееме вечно?“.

Во интервју за Њујоркер, Бенатар, кој инаку живее изолирано и за кого не се знае многу освен најосновните биографски податоци (дури ни тоа дали самиот има деца), објаснува зошто смета дека квалитетот на човечкиот живот е низок, па и за оние од „развиениот свет“. Скоро секогаш сме гладни или жедни, а кога не сме, ни се оди во тоалет. Често ни е премногу топло, премногу студено, или сме уморни. Страдаме од алергии, настинки, менструални болки или „жештини“. Животот е бескраен тек на фрустрации и иритации - дремење по шалтери, нервози во сообраќај, пополнување формулари. Мораме да работиме, а главно не си ја сакаме работата. Голем број луѓе остануваат сами, а оние кои се мажат/женат често се несреќни и се разведуваат.

Дали ова значи дека човек треба да се убие? Не, затоа што и смртта не е добра. Ако веќе постоиш треба да продолжиш да живееш, имајќи предвид дека поголемиот дел од времето ќе се мачиш. Ама треба и да се осигураш дека тој „луксуз“ нема да му го овозможиш на некој друг.

Бенатар секако не е единствен анти-наталист. Книги како „Секоја колепка е гроб“ на Сара Пери или „Конспирацијата против човечката раса“ на Томас Лиготи исто така имаат посветени читатели. Меѓу ваквите автори има такви кои не мислат дека животот е оној кој е лош, туку човекот, па оттаму се наречени „мизантропични анти-наталисти“.

На оние кои се спротивставуваат на неговите аргументи и велат дека треба да се живее затоа што добрите животни искуства - љубовта, убавината итн. - надоместуваат за лошите, Бенатар одговара дека болката е многу полоша споредена со добрината на задоволството. Таа, имено, трае подолго (постои хронична болка но не и хронично задоволство), и е помоќна. Постои и асиметрија во смисла на тоа дека пропуштањето на добрите искуства не е лошо за некој кој не постои, но тоа што тој истовремено ги пропуштил и несреќите и болките е - добро.

Тој сепак е доволно свесен за вознемирувачката природа на неговите ставови и истите избегнува да ги пропагира, освен во форма на книги. Ги жали оние кои заради неговите книги станале и посвесни, но и потажни. „Тие имаат точна слика за реалноста, и плаќаат цена за тоа“, вели тој во интервјуто. Истовремено е свесен дека антинатализмот не може да биде широко прифатен, бидејќи е спротивен на биолошките пориви. Но тој за него е сепак извор на надеж - дека барем оние кои ги споделуваат неговите ставови нема да дозволат уште едно суштество да го трпи лудилото на светот.

28 ноември 2017 - 19:09