Наречена „една од темелниците на американската поезија", книгата „Сведочење" на Чарлс Резникоф е базирана на илјадници страници судски записници, од крајот на 19 и почетокот на 20 век. „Речитативите", како што ги нарекува авторот, варираат по должина - од 5 до над 200 стихови, поделени според географски регион и според теми (општествен живот, семејни сцени, црнци, деца, железници, Кинези, кражби итн.). Покриени се околу петстотини судски процеси, кои се воделе во споменатиот период ширум САД.
Во текст на Чарлс Симиќ објавен во New York Review of Books, ова дело на Резникоф се оценува како неверојатно актуелно - неправдите, силувањата, гневот, одмаздата, брачното насилство, и сите други мизерии кои луѓето си ги прават себеси и на блиските, опишани во песната, не дозволуваат ни ронка романтика и носталгија по минатото, но потсетуваат дека ситуацијата не е ништо поразлична и денес.
Плоден, но не и доволно познат поет, Резникоф (18940-1976) дел од младоста поминал во работилницата за изработка на шапки на неговите родители во еврејско маало во Бруклин, за потоа да се запише на правни студии. Иако никогаш не работел во професијата, еден период пишувал одредници за правна енциклопедија, заради што морал да прочита голем број судски извештаи. Од транскриптите и пресудите тој почнал (и тоа го правел цели дваесет години) да ги издвојува најинтересните места, задржувајќи го објективниот и сувопарен јазик на правото, но преку слободен стих воспоставувајќи ритам на обичен говор. Така, фактите се оставени да зборуваат сами за себе. А тие зборуваат за трагедии, кои навистина се случиле, а кои не се плод на некаква апстрактна поетска фантазија.
„Дете од шест години, исушено, слабо
со пореметување на цревата
татко му го искамшикувал
затоа што го извалкало креветот:
најмалку две стотини удари со прачка
дебела како татковиот прст,
и широки ленти по телото.
А потоа, по студен и дождлив декемвриски ден,
детето е испратено кај дедо му,
во друго место -
каде умреало после неколку денови"
или
„Кога му кажаа на нејзиниот маж
дека имала љубовници
тој рече само:
еден од нив
можел да има цигара
и да го запали амбарот"
Резникоф во младоста пешачел над триесет километри на ден, а и подоцна одржувал темпо од по три километри на час, со образложение дека шетајќи може да регистрира слики кои јасно би ги преточил во неговата поезија, што била и една од целите на тн. „објективистичка" поетика, на која тој ѝ припаѓал. А тие слики се главно мрачни, исполнети со расна омраза, садизам и човечко страдање. Токму затоа ова негово дело, иако епско по обем, по својата содржина е анти-еп. „И не треба да нè чуди што Сведочење ја нема во програмите на нашите училишта и универзитети. Таа предизвикува преголема нелагодност кај луѓето кои повеќе сакаат да не знаат ништо за светот во кој живеат. Можеби Резникоф тоа и го сакал со оваа книга: да го вознемири секој оној кој ја чита", заклучува Симиќ.