Почнувајќи од средината на минатиот век англискиот толку доминира во глобалната научна заедница, што сега тоа важи и за земји каде тој не е официјален јазик, како Германија, Франција и Шпанија. Таму бројот на академски статии напишани на англиски неколкукратно го надминува оној на сите останати. Ова е најзабележително во Холандија, каде пропорцијата е неверојатна, 40:1.
Студија од 2012, под наслов „Јазикот на научната комуникација (на иднината)", зела предвид статии собрани преку SCOPUS, најголемата база на податоци за тн. peer-reviewed списанија, односно такви во кои текстовите мора да минат низ неколку рецензии. За воопшто да влезе во оваа дата-база списание кое не се објавува на англиски мора да има барем апстракти на овој јазик. Од повеќе од 21.000 статии од 239 земји кои во моментов се во базата, студијата открила дека 80 проценти се напишани целосно на англиски. Накратко, ако сакаш да те објават во сериозно списание, и она што си го напишал да стигне до поширока научна публика, приморан си да го напишеш на англиски. И не само тоа - на англиски се конференциите, дискусиите и другите статии кои треба да ги прочиташ за да бидеш во тек во својата област.
Во 2005 корејскиот научник кој живее во Британија, Кумџу Хванг, во текст под наслов „Инфериорната наука и доминантната употреба на англискиот за продукција на знаење“, напишал:
„Причината зошто научниците чиј мајчин јазик не е англискиот мора да го користат, на сметка на дополнително вложено време и енергија, е поврзано со нивните постојани напори да бидат признаени како меѓународно компатибилни, и да добијат највисока можна репутација".
Но не било отсекогаш вака. Од 15-17 век научниците типично ја вршеле својата работа на два јазика: нивниот мајчин јазик кога зборувале за нивната работа, и латинскиот кога пишувале или се допишувале со научници надвор од нивната татковина. Како што пишува Мајкл Д. Гордин, историчар на модерната наука на Принстон, во неговата најнова книга „Научниот Вавилон", со оглед на тоа што латинскиот не бил ничиј национален јазик, никој не го „поседувал", па така тој станал алатка за изразување ставови од универзална природа.
Но со напредокот на науката, латинскиот почнал да ја губи популарноста - Галилео го објавил неговото откритие за месечините на Јупитер на латински во 1610, но неговите подоцнежни дела биле на италијански. Со оглед на тоа што тој барал спонзорство и поддршка од локалната публика, тој го променил јазикот. И делото Оптика на Њутн од 1704 е напишано на англиски, иако претходно и тој пишувал на латински.
До раниот 19 век во научниот свет во оптек биле главно три јазика - француски, англиски и германски. До втората половина на 20 век, само англискиот останал доминантен, и неговото влијание врз глобалната научна заедница од тогаш само расте. Како резултат на ова научната терминологија во голем број јазици не успева да одржи темпо со новите откритија, едноставно транскрибирајќи ги термините од англиски без да се обиде да измисли свои, кои и онака не би ѝ биле многу од корист.
Ваквата ситуација некои научници, дури и такви на кои англискиот им е мајчин, ја нарекуваат „хегемонија", и тоа не само во јазичка туку и во идеолошка смисла. Излегува дека исто како што исчезнуваат природните јазици на загрозените племиња, така престанува да се развива, за можеби еден ден и целосно да исчезне, и научниот дискурс на неанглиските јазици. Еден таков пример од наш терен - меѓународни конференции на кои се пријавуваат научници од регионот кои сосема добро би се разбрале и на некој од словенските јазици, се одржуваат на англиски. И на сите им е глупо, ама па инаку собирот не би делувал сериозно, што може негативно да влијае врз имиџот на присутните и врз нивните кариери.