Aндреј Кончаловски: Гладувањето го поддржува животот - ситоста е смрт

Славниот руски режисер („Љубовниците на Марија“, „Полудениот воз“, „Танго и кеш“) со мисловни етиди на различни теми. Самиот се нарекува конзервативен „мракобесник“, но има нешто во неговите ставови што нè тера да помислиме дека и ние не сме далеку од тоа да станеме такви. 

Животот - тоа е болка. Дрвото исто така сè го боли. Но наспроти сè, животот е повеќе копнеж. Живот, тоа е дефицит. Изобилието е смрт. Кога ќе видите тап поглед и отсуство на каква и да е желба, готово е, животот е завршен.

Треба да се поттикнуваат сопствените желби додека ги имаш, и сè ќе биде. И креација, и сето останато. Гладувањето го поддржува животот. Ситоста е поблиска до смртта.

Дефицитот раѓа прекрасно чувство на задоволство. Кога сум гладен, или кога држам диета, ми се јавува сосема поинаков однос кон храната и кон парчето леб.

Дефицитот е многу важен во сè. Во слободата, дефицитот е потребен, дури и нужен.

Штом човекот ја има сета слобода на овој свет, станува животно.

Не треба да не се мисли на смртта, а со староста нејзиното присуство е дури и неопходно. Колку подолго живееш, толку е поинтересно разбирањето на тоа дека си конечен. Конечна е и твојата изразена, и твојата неизразена суштина. Ние не знаеме колку умираме. Мислам дека таму, зад цртата, постои нешто што останува засекогаш. Би рекол, хедонизмот исчезнува кога ќе сфатиш дека постои живот, со неговиот насушен леб и птиците кои пеат, но без тебе. Секако, тоа плаши. Но додека го ишкаш тоа од себе, си жив.

***

Човечките права - тоа е химера и лажно движење на европската цивилизација. Ова е огромна диктатура на лагата. Човечките права никаде не се почитуваат.

Сите големи цивилизации се граделе на обврзност, не можат да се стават правата на човекот над неговите обврски.

Оние кои не ги исполнуваат обврските, не можат да имаат право. Погледнете ја кинеската цивилизација, христијанската цивилизација - таму пред сè стојат обврските. Кога човекот ќе ги добие сите права, тој, грубо речено, го губи човечкиот облик. Што е тоа обврска. Тоа е култура! Според мое мислење, либералната европска мисла води кон пропаст, само затоа што ги има фетишизирано правата. Тоа е пат кон пекол. Јас во таа смисла сум мракобесник.

***

Глобализацијата го уништува суверенитетот на државата...И нашите гледачи, за жал, според мое мислење, стануваат кино-Американци. Јадат пуканки во текот на проекцијата. Зошто сега се толку гласни филмовите? Затоа што сите џвакаат. Холивуд снима филмови за џвакачи. Јас снимам филмови за читатели.

***

Законот на пазарот, кога побарувачката ја одредува понудата, тоа води кон уништување на културата. Затоа што побарувачката секогаш е пониска отколку што треба да биде. Масовноста е погубна. На човека му е својствена индивидуалност. Не залудно во Библијата е речено дека патот кон врвот е тежок и тесен. Заради тоа истото се случува во уметноста, затоа што пазарот станува се’ помасовен.

***

На човека му е полесно да живее без напор, но без напор нема раст. Често му велам на син ми дека луѓето кои читаат книги ќе управуваат над оние кои не читаат.

Често се прашувам зошто, ако некоја држава има висок БДП, таа се смета за успешна, а низок БДП е синоним за катастрофа? Тоа е голема илузција, БДП може да биде висок, а луѓето сепак да бидат несреќни. Норвешка е земја со успешна економија и висока стапка на самоубиства.

Економијата се мери во цифри, но со нив не се мери човечката среќа. Пазарната вредност и човечката вредност - тоа се две различни работи.

Сите се менуваме, не се менуваат само идиотите. Со годините, се јавуваат други илузии. Зошто илузии? Затоа што на секои десет години велиме: О, каква будала бев. Во триесетите мислиш дека со дваесет си бил глуп, од четириесетата мислиш дека си бил наивен кога си имал триесет. Истото важи и за осумдесет, ох - си мислиш - со 70 бев момче.

***

Во принцип, на мажот му е неприродна желбата да се допаѓа. Тоа е чисто женски принцип. Желбата да се допаднеш не е само присутна кај глумците, туку и кај сите креативни луѓе. Кај писателите, на пример. Сè е многу индивидуално. Мислам дека Буњин сакал да се допаѓа, а Чехов тоа не можел да го поднесе.

***

Уметникот не може да биде некултурен, денес тоа е сериозен проблем. Сите сериозни уметности добро ја познавале светската култура. Ја познавале традицијата, а традицијата, тоа е човечка мудрост. Иноваторството, тоа е веќе рушење на традицијата. Пред да се руши, треба да се знае.

***

Блокбастер - тоа е она што е интересно да се гледа. Многу интересно за гледање. Но кога филмот ќе заврши, бргу се заборава. А кога е филмот уметничко дело, тогаш после него никој не сака да зборува, само да молчи.

Знаете што е најскапоцено за режисерот? Молчењето на гледачот по филмот. Тоа е показател на допирот со она што не може да се изрази со зборови.

извор

4 јули 2017 - 18:08