Во 19 век низ американските држави важеле различни правила за барање и добивање развод. На пример, во државата Њујорк, единствената законска причина била докажано неверство. Но во Јужна Дакота немало никакви услови, а и времетраењето на престојот преку кој човек можел да се стекне со државјанство бил најкраток. Ова поттикнувало пристигнување на куп богати луѓе од источниот брег, кои требало да поминат само три месеци во оваа новооформена држава за да можат да потпаднат под јурисдикцијата на нејзините судови - начин властите да привлечат бели доселеници. Така Сијукс Фолс, низ којшто минувале пет железнички линии, и во кој постоел хотел кој се сметал за најубав во радиус од многу километри, станал „Мека за скараните“.
На оваа тема се однесува книга на писателката од Вашингтон, Април Вајт, „Колонијата на разводи: како жените извршиле револуција во бракот и ја пронашле слободата“. Според неа, нуспојава на ваквите околности било вниманието кое го добивале од таблоидите различните случаи на развод, особено помеѓу славните личности и елитите. Се случувало на судските заседавања салата да биде преполна со репортери и сеирџии. Еден таков случај бил на Меги Де Стуерс, која во Сијукс Фолс побарала слобода од својот сопруг, холандски дипломат за којашто тврдела дека сака да ја институционализира и да ја преземе контролата над нејзиното богатство. Меги била од богатото и моќно семејство Астор, а нејзиното присуство во градот поттикнало дведецениска кампања да се ограничи пристапот до развод. Неа ја предводел епископалниот свештеник Вилијам Хобарт Хер, кој и претходно зборувал против она што го сметал за зло на разводот, но особено бил раздразнет од разводот на Меги и нејзиното многу бргу повторно мажење, што според него давало лош пример на жените од високите кругови.
Тој сепак не успеал да го ограничи правото на развод во својата држава, но затоа во 1908 на ниво на цела Јужна Дакота граѓаните изгласале продолжување на престојот на една година, со што тој станал исто толку долг колку и во другите држави. Ова значело дека Сијукс Фолс веќе не бил „Мека“ на разводите, но останал историски запаметен по тој краток период, кој најголемиот број на негови нови жители станувале жени кои барале автономија над нивните животи, покрај правните, судските, религиските и социјалните пречки кои им стоеле на патот.