Музиколози, музичари, еден филмски композитор, телекомуникациска компанија и неколкумина компјутерџии во моментов соработуваат за да го комплетираат делото кое Бетовен го оставил недовршено - нешто што можеби ќе било негова 10-та симфонија.
Целосна изведба се планира за 250-тиот роденден на германскиот композитор, во април 2020, од страна на бонскиот Бетовенов оркестар. Сепак во моментов не може да се претпостави како ќе звучи делото, затоа што алгоритамот е „непредвидлив“, и според зборовите на главниот инженер, Матијас Редер, „тој е како дете кое го открива светот на Бетовен“.
Идејата за проектот е на Дојче телеком, а во склоп на богатата програма за прославување на два и пол века од раѓањето на композиторот. Алгоритамот за којшто станува збор е заснован на технологија за препознавање на јазик и функционира на тој начин што програмерите го „хранат“ компјутерот со парчиња музика на Бетовен кои алгоритамот се учи да ги препознава, а потоа и да ги изведува во негова интерпретација. Процесот се повторува до моментот кога алгоритамот ќе добие доволно податоци за да искомпонира свој „вид“ Бетовен.
Иако звучи едноставно, сепак почетокот на проектот ова лето не бил лесен. По неколку такта програмата требало да ја преземе работата и да почне да импровизира, но наместо тоа доживеала „креативна блокада“ - почнала само да врти една иста мелодија. Повторениот тест во ноември во куќата на Бетовен во Бон дала подобри резултати: повеќе од една минута импровизирана интерпретација, нешто што ниту една машина не го направила до сега. Програмерите велат дека ќе сметаат дека постигнале успех доколку упатен слушател не може да направи разлика помеѓу оригиналниот Бетовен и креацијата на алгоритамот.
Моменталната верзија на Десеттата симфонија е хипотетичко дело составено од британскиот музиколог Бер Купер од неколку фрагментирани скици кои Бетовен ги компонирал пред смртта во 1827. Таа во таква, недовршена форма, прв пат беше изведена од Лондонската филхармонија во 1988.
Види претходно: Врската меѓу Кање Вест и Бетовен