Актуелен случај во Србија: како се одредува плагијат на превод?

Стручна комисија на Универзитетот во Белград, по пријава на студент, утврдува дека професорка од Економскиот факултет во свој превод на учебник презела 150 страници од претходно издание на истата, потпишани од покоен постар колега. Но начинот на кој е извлечен овој заклучок е прилично спорен и остава простор за различни толкувања.

Наводниот плагијат се однесува на превод на учебник „Меѓународна економија“ oд Доминик Салваторе од 848 страници, кој се користи на втора година на студии на Економскиот факултет во Белград. Изданието е дури 12-то, а датира од 2018. „Плагијаторката“ е професорката која го држи овој предмет, Даница Поповиќ, која претходното издание на истата книга го превела заедно со колега, сега покоен, Стојан Бабиќ.

Студент на факултетот, извесен Алекандар Јакшиќ, поднесува пријава дека најновото издание на книгата, чиј превод целосно го потпишала проф. Поповиќ, содржи поглавја кои се директно копирани од претходното, а притоа не се наведува името на вториот преведувач.

Стручната комисија која била формирана го поминала текстот на двете изданија низ софтвер за препознавање плагијати (Turnitin, веројатно истиот кој се користи за утврдување можни плагијати на магистерски и докторски) и машината заклучила преклопување во првите 11 поглавја, и тоа во просек 43% (од 3% во воведот до 70% во десетото поглавје). После комплицирана процедура која подразбира разгледување на наодите и од страна на Етичката комисија на Економскиот факултет и од Наставно-научниот совет, а која не е јасно дали е спроведена коректно, деканот одлучува да примени санкција - јавна опомена поради „неакадемско однесување“ (но не и плагијат). За професорката Поповиќ ова сепак повлекува губење на можност да се кандидира за раководна функција и на факултетот и на универзитетот.

Српските медиуми детално известуваат за случајот, а индикативно е дека оние кои се типично поблиски до власта вадат наслови од типот „скандал“ и „срамота“, пренесувајќи ги само обвинувањата и наодите на комисијата, но не и ставовите на самата преведувачка. Во ова особено предничи „Политика“, која со стара добра практика на запечатување факти во наслов (и онака ретко кој детално чита статии) уште во јули објави текст под наслов „Плагијат во книгата на доктор Даница Поповиќ“.

Зошто целата работа би била релевантна за нас и генерално за кој и да е преведувач на овој свет? Кои се спорните места во целата приказна?

Прво - професорката/преведувачка Поповиќ во сите јавни настапи на оваа тема повторува дека станува збор за политички мотивиран случај, кој најверојатно се должи на нејзиниот ангажман околу обелоденување и раскринкување на препишани магистерски и докторски во високите политички кругови на власта. Така, во 2014, таа беше дел од група интелектуалци кои се обидуваа да докажат дека докторатот на тогашниот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ кој во 2011 магистрирал а веќе во 2013, значи со рекордна брзина, и докторирал на приватниот Мегатренд универзитет во Белград, е плагијат. Тогаш Поповиќ самата себе се опиша како „инаетлива бандера“ која ниту мисли да се тргне од патот, ниту да се извини (што воопшто стои на тоа место). Студентот пак кој ја пријавил и претходно јавно ја обвинувал дека продава испити, поради што е казнет од Економскиот факултет а подоцна и отстранет од Центарот за соработка со стопанството каде што работел. Сценарио кое лесно може да се замисли и во други контексти, кога некој ќе стане „бандера“ на патот на моќните.

Второ и малку погенерално. Што значи точно плагијат на превод на учебник? Значи не зборуваме за уметничка проза, поезија, есеј или драма, кај кои и еден збор прави разлика и може да ја промени смислата или да укаже на исто преведувачко решение и авторски „потпис“. Како да преведеш поинаку „меѓународна економија“ освен - хм - „меѓународна економија“? Секој оној кој знае како функционираат софтверите за пронаѓање поклопувања на два текста се свесни дека тој (значи зборуваме за машина, не за човек) ги детектира не само релевантните термини за одредена материја, туку и предлозите, сврзниците, најчесто повторуваните изрази и сл. Оттаму тие 43% не е ни чудо да се однесуваат токму на вакви совпаѓања.

Трето - преведувачката Поповиќ на претходниот превод работела заедно со нејзиниот колега, и во редактурата тие меѓусебно си ги корегирале и дотерувале преводите за да бидат изедначени. Како тука да се одреди авторството? Освен тоа, човекот се уште бил жив во моментот кога се подготвувало новото издание и тоа е направено со негов благослов. Неговото име е спомнато во предговорот на новата верзија.

После одлуката на Деканот на нејзиниот факултет на професорката не ѝ остануваат многу опции. Таа може да се жали на Одборот за професионална етика на Универзитетот. Или да оди во Стразбур. Но не е проблемот до поединечниот случај, колку што тој создава генерална несигурност во докажувањето на правдата, тогаш кога материјата е премногу суптилна за да може да се докажува со проценти на исти зборови. Во случајов би требало да се оди реченица по реченица, збор по збор. На пример „ме-ѓу-на-родна еко-но-ми-ја...“.