Сара Сидонс била Велшанка, родена во семејство со 12 деца на менаџер на театарска трупа. Родителите (мајката протестант, таткото католик) најпрвин се спротивставувале на нејзината амбиција да глуми, затоа што ова не се сметало за чесна професија за жена. Но набргу нејзините настапи го привлекле вниманието на продуцентите, кои додуша ја ангажирале главно во помали, провинциски театри. До моментот кога, во 1785, се појавила во улогата на Магбет во театар во Лидс, која ја интерпретирала на поинаков начин отколку било која од нејзините колешки до тогаш - не како зла „кучка“ од кралица, туку како лик со силно мајчинско чувство и суптилна женственост. Она за што критичарите ја величеле било и прецизното држење до текстот, нешто што до тогаш не било дел од театарската традиција.
По лејди Магбет играла и други женски ликови во драми на Шекспир - Дездемона, Офелија, Волумнија, како и кралицата Катерина во „Хенри Осми“ за која изјавувала дека и е најомилена. Но она што е интересно е дека повеќе пати, во тек на три децении, Сара го играла и ликот на Хамлет, додуша само вон Лондон. Со тоа станала втора британска актерка после Шарлот Чарк која го играла данскиот принц на сцена, за подоцна на списокот да се впишат и Сара Бернар, Аста Нилсен и други.
Се вели дека до статусот на ѕвезда стигнала и преку манипулирање на сопствениот јавен имиџ преку различни визуелни материјали (денес веројатно би имала Инстаграм), но и со избор на такви улоги кои ја поддржувале сликата која ја градела за себе - пожртвувана мајка и сопруга. Се омажила за актер на 18 години со кого според биографските податоци не била среќна. Родила седум деца, а пет од нив надживеала. Глумела на сцена дури и бремена, што сметала дека само додава тежина на улогите на трагични женски ликови. Починала на 75 години а на нејзиниот погреб имало 5000 луѓе. Зад неа останале бројни портрети, но и една анегдота - дека кога била поканета кај лордот Елгин, кој ги отуѓил познатите рељефи од Партенон и ги пренел во Британија, при самиот поглед на мермерот се онесвестила. Оваа приказна циркулирала во високите кругови и во „жолтиот печат“ од тоа време, како пример на силниот ефект на уметноста врз гледачот.