ChatGPT е прототип на четбот - компјутерска програма дизајнирана да симулира разговор со човечки корисници преку интернет - и секако не е прв од овој тип. Но oткако беше пуштен во употреба во ноември 2022 тој предизвика големо внимание поради деталноста на своите одговори и нивната логичност.
Системот е развиен од независно истражувачко тело, OpenAIFoundation, чиј ко-основач е Илон Маск, заедно со други инвеститори од Силициумската долина. Системот е дизајниран за да обезбедува информации и да одговара на прашања преку разговорен интерфејс, а фокусот при неговата изработка бил на едноставноста на неговото користење.
„Дијалошкиот формат овозможува ChatGPT да одговара на последователни прашања, да си ги признава грешките, да спори со неточни премиси и да одбива несоодветни барања“, се вели во соопштението на компанијата.
Оние кои го пробале велат дека може да се опише како алтернатива на Гугл, затоа што преку него можат да се добијат информации, одговори и решенија дури и на сложени прашања. Практично би можел да биде корисен за генерирање содржини за веб-сајтови (упс!), одговарање на побарувања на клиенти, обезбедување препораки но, во понатамошна фаза, и за извршување на зададени задачи. Ова „упс!“ од погоре значи дека во некоја следна верзија програмата може да укине бројни работни места, како програмери, драматурзи и новинари.
Во текст на слична тема на блогот Кантарот, се разгледуваат консеквенците од развојот на вештачката интелигенција (вклучително и спомнатиот ChatGPT) и по пишувањето научни статии, каде тие (ќе) се користат за пишување одредени делови од текстот или за составување предлози за аплицирање за грантови. Но ова замешателство на вештачката интелигенција во академскиот жанр барем засега знае да генерира само „салата од зборови“ која реално е бесмислена. Оттаму, ако сака да остане релевантна, академската проза наскоро ќе мора да се прости од „прозата“. Што ќе остане од неа потоа? „Очигледниот одговор е дека тоа ќе бидат цифрите, податоците и кодот, споени преку минимална интерпретација“, вели авторот.
Но, назад кон почетокот. И покрај сите моментални ограничувања, за едно нешто мора да му се симне капа на најновиот четбот - дека за разлика од голем дел од домашната интелигенција, добро ја познава вистината за Македонија.