„Академски“ текст напишан со софтвер за автоматско комплетирање зборови

Во рубрикава често сме пишувале за академски плагијати, објавување чисти глупости како висока наука и, последно но не и најмалку важно, софтвер за генерирање случајни стручни статии. Ама ова е и за нас ново - научен труд напишан со опцијата „аутокомплит“.

Професор од Нов Зеланд, Кристоф Бартнек, кој предава на Универзитетот во Кeнтербери, Нов Зеланд, добил покана да поднесе свој труд на меѓународна конференција за атомска и нуклеарна физика во САД во ноември.

Бартнек додуша нема врска со физика, туку се занимава со индустриски дизајн и интеракции помеѓу луѓе и компјутери, но сепак решил малку да си поигра на темава. Ја искористил опцијата за автоматско комплетирање зборови на неговиот ајпад, па кога ќе напишел „атомски“ потоа случајно бирал од понудените опции за комплетирање на зборот. Така напишал цел текст, кој во суштина нема никаква смисла. Еве една реченица, a подетално за целата постапка во видеото:

„Атомите на подобар универзум ќе имаат право за истото како и ти што ќе имаш одлично место за одлично време уживај во денот ти си прекрасна личност супер ден за твоите родители и деца“.

Текстот кој е насловен, повторно преку користење автокомплит, „Атомската енергија ќе може да се користи од единствен извор“, е илустриран со првиот графикон кој се појавува на Википедија кога се пребарува терминот „нуклеарна физика“.

Статијата Бартнек ја поднел под лажен идентитет, како вонреден професор Ајрис Пир од САД, чие искуство во атомска и нуклеарна физика е спомнато во биографија на лице за кое не е јасно дали е машко или женско. Бесмислената статија е прифатена само три часа подоцна, во мејл во кој се бара Бартнек да го потврди терминот за неговата „усна презентација“.

„Знаев дека iOS е добар софтвер, ама станувањето редовен професор никогаш не изгледало толку блиску“, коментирал тој на негов блог пост, каде ја обелоденил целата работа.

За текстот не му барале пари, но во писмото со кое му го потврдуваат учеството му стигнала сметка од 1099 долари, кои требало да ги плати ако сака да биде регистриран како еден од говорниците. Секако, овие пари не ги платил, меѓу другото заради впечатокот дека „тоа баш и не изгледало како некоја квалитетна конференција“.

Меѓународната конференција за атомска и нуклеарна физика за која станува збор која ќе се одржи на 17 и 18 ноември во Атланта, Џорџија, а е организирана од ConferenceSeries, фирма основана во 2007. Тие засега се без коментар на целата приказна, но повеќе од јасно е дека се работи за еден од оние комерцијално ориентирани академски собири кои немаат никаква врска со науката.

Поврзано:
Глупости како висока наука
Што се случува кога никој не лекторира академски текст
До научна статија со еден клик

25 октомври 2016 - 18:08