Еден ден пред отварањето на изложбата, на 18 јули 1937, Хитлер одржал говор во кој најавил безмилосна војна против културната дезинтеграција, напаѓајќи ги „дрдорковците, дилетантите и уметничките преваранти“. Во склоп на кампањата спаѓале веќе организираните палења на книги, отпуштањето на уметници и музичари од училиштата и факултетите, и замена на музејските работници со членови на партијата.
Оној кој одлучувал за тоа што е уметност а што не бил самиот Хитлер. Иако Гебелс и некои други соработници им се восхитувале на германските експресионисти, оние кои ја држеле страната на водачот биле погласни, следејќи го неговото мислење за модерните сликари како за „некомпетентни, измамници и лудаци“.
Изборот на „дегенериците“ бил правен од петчлена комисија на чело со Циглер, кои посетувајќи ги различните уметнички институции низ Германија заплениле 5.238 дела кои според нив изразувале (не)квалитети како декаденција, слабост на карактер, ментални болести или расна нечистотија. Иако подготовките траеле релативно долго, на крај отварањето е направено набрзина, за изложбата да тече паралелно со „Големата изложба на германска уметност“, како контрапункт на дегенерираната.
Оваа втората е поставена во некогашниот Институт за археологија во Минхен, а локацијата е одбрана намерно заради тоа што била мрачна и со тесни простории. Чувството на хаотичност дополнително било зголемено со тоа што делата биле натрупани, а движењето на публиката отежнато така за тие да се туркаат додека се разминуваат. Голем број дела се поставени без рамки, висејќи само на јаже и со пержоративни натписи до нив. Сепак, со познатата нацистичка прецизност, и за оваа изложба е направен детален каталог, кој ја придружувал изложбата која потоа патувала низ Германија. Биле произведени и кратки филмови за сите 650 слики, скулптури и графики од 112 уметници.
Просториите во кои се поставувала изложбата биле поделени тематски. Првата содржела дела кои наводно ја навредуваат верата, втората дела исклучиво на еврејски уметници, третата такви кои ги навредуваат жените, војниците и германските селани, а во четвртата делата биле групирани под „разно“, и се состоела од такви кои генерално го деградираат чувството за убаво. Од застапените уметници денес најпознати се Пол Кле, Мондријан, Шагал, Кандински, Ван Гог и Пикасо. Она што е интересно е дека до затворањето на изложбата, на 30 ноември 1937, неа ја посетиле повеќе од 2 милиони посетители, што значи 20.000 на ден. Конкурентната изложба на Голема германска уметност која се оддржувала истовремено ја посетиле само половина од оваа бројка.
Дело на Германецот Рудолф Бауер, кој е уапсен заради продавање свои дела на колекционерот Гугенхајм. Бил ослободен под притисок на своите американски пријатели, а во неколкуте месеци минати во затвор ги цртал неговите нефигуративни дела на случајно најдени парчиња хартија
По затворањето на изложбата голем број од делата се продадени, иако заинтересирани купувачи имало малку. Се нуделе на големо, „десет центи за кило“, главно на американски купувачи. Скоро 5.000 кои останале непродадени на крај биле запалени.
Во 1991 регионалниот Уметнички музеј на Лос Анѓелес поставил форензичка репродукција на изложбата, а во 2014 истото го направила и Ноје Галери од Њујорк. Она што никогаш нема да може да се реконструира се уништените дела, како и уништените животи на голем број од стигматизираните „дегенерици“ - всушност уметнички визионери на оние правци кои допрва ќе се развиваат врз основа на она што тие го правеле во најлошото време за модерната уметност.