Засекогаш млади

40 години од „Последниот валцер“ - прошталниот концерт на Д Бенд

Додека Американците го слават Денот на благодарноста, една необична приказна за концерт кој се одржал токму на овој ден пред 40 години, на бенд кој се вика - Бенд.

Тоа е еден од моментите во кои би се телепортиралe доколку имаме временска машина. Пред четириесет години, 1976, на старото лизгалиште во Сан Франциско, Винтерленд Болрум, се одржал проштален концерт на Д Бенд. „Последниот валцер“, како што бил наречен, вклучил заеднички настап на бендот со импресивен список изведувачи, како Ерик Клептон, Ван Морисон, Нил Јанг, Џони Мичел и Дилан. И сето тоа на филм го забележал ни помалку ни повеќе туку Скорсезе.

Денес многумина на овој концерт гледаат како на преоден момент во американската музика, таков помеѓу класичната рок ера (нечешлани, надувани луѓе со гитарчиња) и она што следело, како и да се вика тоа. Роби Робертсон, гитаристот на Д Бенд, сега има нов мемоар, под наслов „Сведоштво“ (Testimony), и очигледно има многу нешта кои има да ги каже за овој период, со оглед на обемот на книгата (500 страници). Таа е излезена во склоп на годишнината, за која е издадено и ново, колекционерско издание на филмот, со репродукција на оригиналниот ракопис на сценариото на Скорсезе.

Со интересно потекло, мајка од племето Мохавк од резерватот на шесте нации близу Торонто, и татко Евреин - професионален концкар, кој умрел откако бил случајно удрен со кола додека менувал гума на автопат, во раните 60-ти тој како тинејџер свирел во американскиот рокабили бенд Рони Хокинс енд д Хокс.

Со тапанарот во овој бенд, Левон Хелм, почнале околу себе да собираат главно канадски музичари, за да ја напуштат првичната група и да почнат да свират со тип под име - Боб Дилан. Во тој момент од кариерата Дилан почнал да експериментира со нов, електричен звук, па неговите дотогашни фолк фанови не биле воодушевени. На турнејата со него, од град во град луѓето ги исвиркувале, но тие не се откажувале. Следел период и на самостојно музицирање на бендот, во кој дрогата, алкохолот и смачкувањето коли им станало секојдневие. Така, крајот на пријателството и на музицирањето некако се насетувал.

Робертсон со време го сфатил ова и решил да излезе од приказната пред да стане предоцна. Така дошле до идејата за „Последниот валцер“, концерт кој требало да се одржи на Денот на благодарноста, на 25.11.1976, со вечера-мисирка за 5000 луѓе, додека бендот свири со бројните гости. Целиот настан траел 5 часа, а бендот исвирел 21 песна со други музичари, од Мади Вотерс до Џони Мичел. Скорсезе, чие пријателство со Робертсон започнало токму со овој филм, но продолжило со соработка на музиката за „Разјарениот бик“ и „Касино“, сето тоа го забележува за историјата.

Дилан ја пее „Засекогаш млад“

Крајот на концертот, со над милион гледања на Јутјуб со, меѓу другите, Ринго Стар на тапани и Рони Вуд од Стоунси:

I see my light come shinin'
From the west down to the east
Any day now, any day now
I shall be released

25 ноември 2016 - 10:15