Во СФРЈ Алан Форд доживеа поголем успех отколку во која и да е друга држава, дури и во татковината Италија. Во Франција или Бразил, на пример, не опстана на пазарот повеќе од 2-3 броја. За тоа сигурно е најзаслужен генијалниот преведувач Ненад Брикси, роден 1924., кој кариерата ја поминал како новинар, комедиограф и уредник на бројни списанија. Дури и сценаристот Секи сметал дека Брикси е еден од ретките преведувачи кои успеале да го доловат црниот хумор и сатирата кои се обележје на приказните и цртежите во Алан Форд.
Кај љубителите на стрипот е особено популарен бројот на „Алан Форд" во кој екипата на ТНТ се среќава со Јосип Броз, а коj во СФРЈ заради очигледни причини беше забранет. Маријан Матиќ Макс, еден од најголемите колекционери на стрипови на бившо-југословенските простори поседува дури четири примероци од реткото издание, во кое Број 1 се замера со другарот Тито. Во Белград во 90-тите во театарот на Теразијe играше и претстава според Алан Форд, која нејзиниот иницијатор, Драган Вујиќ Вујке, деновиве изјавил дека би сакал да ја обнови.
На македонски стрипот беше инициран на два пати - веднаш по распадот на Југославија, кога престана да се објавува по само неколку броја, и уште еднаш во 2008. Македонија, пак, индиректно беше застапена во Алан Форд број 284, оригинално објавен во фебруари 1993, кој содржи не многу ласкава приказна на Број 1 за Александар Македонски.