Архитектурата ретко е тема на филмската уметност - еден од примерите на игран филм со ваква содржина е Fountainhead (Извор) од 1949 во кој Гари Купер го игра бескомпромисниот архитект, асоцијација на Френк Лојд Рајт, кој поставува динамит на сопствена градба затоа што не била изградена точно според неговите упатства. Документарци пак има, но не ваков. Вендерс го опишува овој неговиот како „3Д филмски проект за душата на зградите, што е она што би можеле тие да ни го кажат доколку би зборувале".
Шест режисери одбрале по една градба за која направиле получасовен филм - Вендерс за Берлинската филхармонија, Мајкл Медсен за затворот Халден во Норвешка, Мајкл Главогер за Националната библиотека во Петерсбург, Редфорд за институтот Салк во Калифорнија, Маргрет Олин за Операта во Осло и Карим Аинуз за Центарот Помпиду во Париз. Иако се работи за архитектонски различни стилови, сите тие се „материјални манифестации на човечката мисла и дејствување", огледала на културата и трезори на колективната меморија.
Редфорд го одбрал институтот за биолошки истражувања заради интересната врска помеѓу архитектот Луис Кан и вирологот Џонас Салк, основач на институтот, кој го носи неговоти име и кој е првиот кој развил успешна полио вакцина. Нивната заедничка идеја била дека објектот треба да изгледа и да функционира како жив организам. Но поврзаноста на Редфорд со овој објект е и лична, бидејќи живеел недалеку од него и бил сведок на неговото градење, а страдал и од лесна форма на полио кога имал единаесет години.
Вендерс пак прв пат влегол во зградата на Берлинската филхармонија во 1970-тите на концерт на Мајлс Дејвис. „Се сеќавам", вели тој, „дека почувствував, дури и физички, дека влегувам во иднината". Архитектот кој ја има направено, Ханс Шарун, бил отфрлен од нацистите како „дегенерик", што е иронично со оглед на тоа што голем подржувач на проектот за објектот изграден во шеесетите бил главниот диригент Херберт фон Карајан, поранешен член на нацистичката партија.
Идејата на Вендерс за овој омнибус му дошла откако учествувал во снимање на краток филм под наслов „Да можеа зградите да зборуваат" за Венециското биенале на архитектура во 2010. Тој верува дека режисерите и архитектите имаат заедничка опсесија „чувството за место" и потребата од цели армии соработници за да ја реализираат нивната визија. Сепак, тој смета дека филмаџиите треба да бидат скромни кога се споредуваат со архитекти, бидејќи зградите, за разлика од филмовите, се многу реални, а филмовите немаат толку директно влијание врз стварноста. Или можеби греши?
Трејлер за филмот