Во декември традиционално излегува списокот на најчитаните статии на Википедија. Оваа година бројките на нејзина читаност се навистина големи - луѓето минале 2.4 милијарди часови (речиси 275.000 години!) читајќи ја англиската Википедија. Во текот на тоа долго време, волонтерите-уредници внесувале или едитирале содржини. Во 2024-та се додадени 3.5 милијарди бајти информации и се направени над 31 милиони уредувања.
Сепак, некои теми беа попребарувани од други. Ова се првите пет:
1. Починати во 2024
2. Камала Харис
3. Претседателски избори во САД
4. Лајл и Ерик Менендез
5. Доналд Трамп
Првото место не изненадува, со оглед на тоа што починатите до сега биле пет пати на врвот откако е започнато со споделување на вакви статистики, во 2015. Кога сме веќе кај статистиките, точно е дека има години кога бројот на починати славни личности изгледа дека е поголем затоа што тогаш се погодило да умрат еден по друг неколку великани во одредени области. Сепак, со осум милијарди луѓе на планетата, мртви а повеќе или помалку познати има секој ден. Еден од нив оваа година беше и Лиам Џејмс Пејн, англиски пејач и некогашен член на One Direction, чија статија се искачи на 25-тото место на најчитани по неговата прерана смрт на 16 октомври.
Што се однесува до другите најчитани статии, тие очигледно се поврзани со политиката во САД, иако доста високо во првите 25 котира и Индија. На 5 ноември, изборниот ден во САД, околу 4.2 милиони читатели ја прегледале статијата на тема Претседателски избори, при што читана била и статијата за истите во 2020-та.
Ако се прашувате пак кои се тие Лајл и Ерик Менендез кои се на четвртото место, тоа се двајца браќа кои беа осудени за убиството на своите родители од 1989-та. Причината зошто токму сега станаа популарни беше серијата од девет епизоди и документарниот филм за нив кој излезе на Нетфликс. На листата од 25 најчитани се најде уште една статија чија популарност се зголеми по Нетфликс серија, за Гризелда Бланко, колумбиска нарко кралица, која во „Гризелда“ ја игра Софија Вергара.
Високи места (6, 14, 15 и 20-то) имаа и статии поврзани со спортот, и тоа Индиската премиер лига, летната олимпијада во Париз, УЕФА Еуро 2024 и статијата за Кристијано Роналдо.
Сепак за нас најинтересно е местото број 18. Тука се наоѓа епска научно-фантастична серија на јазикот телугу (Индија), која е прва во планирана сага за универзумот Калки. Таа се одвива во постапокалиптичниот свет на годината 2898, во која група одбрани луѓе се на мисија да го спасат нероденото експериментално дете, Калки. Ова е истовремено и најскапиот индиски филм на сите времиња, но и најуспешниот индиски филм на 2024.
Целиот список на најчитани статии тука