Во 1965 тогаш 19-годишниот Брајан Робсон пристигнал од Кардиф, Велс, во Мелбурн, Австралија, за да работи на Викторијанската железница. Наскоро длабоко зажалил за одлуката и станал очајно носталгичен.
Но едноставното давање отказ и враќањето дома со авион не било можно. Имал договор со австралиската влада, да остане и да работи цели 2 години. Ако го прекршел договорот ќе морал да ги врати парите кои земјата ги потрошила за воопшто да го донесе до Австралија. Заедно со сместувањето, целата сума изнесувала околу 800 долари, а неговaта месечна плата била 55 долари.
Така, тој и двајца блиски колеги смислиле начин да го вратат дома. Робсон се сеќава на нив како на Пол и Џон, и единствено што знае е дека биле Ирци.
Тројцата купиле дрвен сандак во кој Робсон едвај можел да се вовлече, со колениците притиснати до градите. Му дале шише вода, светилка на батерии, празно шише („поради очигледни причини“), мала торба, перница и чекан за да може да излезе. На сандакот напишале „кршливо“, „ракувај внимателно“ и „оваа страна нагоре“. И му посакале среќа во следните 36 часа, колку што требало да трае летот.
Но Робсон останал во сандакот цели пет дена. На моменти паѓал во несвест поради недостаток од кислород, бил прегладнет и дехидриран. Изгледало како да има бескраен број на застанувања, а аеродромските работници не внимавале многу на она што го пишувало на сандакот. Во еден момент го превртеле на глава, и стоел така 24 часа бидејќи немало доволно место во просторот за карго.
На моменти секако помислувал да се ослободи и да се предаде. Но сепак си давал кураж дека уште малку целото мачење ќе престане, а потфатот ќе се исплати.
Во еден момент Робсон ја запалил батеријата и еден работник, забележувајќи го тоа, ѕирнал во дупката направена за дишење. „Ме погледна точно во око. Да имаше Олимписки игри за колут назад, тој ќе беше победник. Се извади од памет“, раскажува Робсон.
Овој пак бил толку изморен што не можел ни да зборува ни да се помрдне. Слушнал како луѓе се движат околу него и зборуваат за мртво тело во сандак. Наскоро пристигнала и полицијата.
Она што наскоро го открил е дека имало причина зошто патувањето траело толку долго. Не бил во Лондон, туку во - Лос Анѓелес. Откако и ЦИА и ФБИ го испрашале, го пуштиле да си оди. Медиумите го забележале случајот, а Робсон едноставно бил пресреќен што никој не му направил проблем, напротив, сите се грижеле за него и за неговото здравје.
Целата авантура е опишана во нова книга која ќе излезе следниот месец, а една од целите на Робсон е да ги најде другарите што го ставиле во сандакот.