Изложбата вклучува околу 450 дела на Лојд Рајт направени од 1890-тите до 1950-тите, во вид на архитектонски цртежи, модели, филмови, мебел, есцајг, текстил, слики, фотографии и тетратки со белешки. Голем дел од сето ова до сега не било претставено во јавноста.
Како што се објаснува на сајтот на МоМА посветен на изложбата, се работи повеќе за антологија отколку за целосна монографска презентација на делото на Рајт. Поставката е поделена на 12 делови, секој посветен за еден клучен објект или група објекти, со негово претставување, интерпретација и контекстуализирање, како и доведување во врска со други дела од збирката.
Едно од изложените дела, на пример, е модел на висококатница од стакло која требало да биде изградена околу плоштадот Св. Марко во Њујорк. Тоа бил еден од неговите најрани дизајни, кој покажува колку далеку стигнувала неговата визија - да бил изграден, тоа би бил првиот стаклен облакодер во Големото јаболко, какви што сега има илјадници.
Ова е само еден од многуте нереализирани проекти на Рајт, кој не престанал да работи до смртта, на 91 година. Негови најпознати објекти се Куќата на водопадот (Fallingwater) во Пенсилванија, кој од 1964 е музеј, и Музејот Гугенхајм во Њујорк, кој со децении беше и фален и пизмен, заради необичната спирална структура која одела контра секоја галериска логика. Кога го прашале како очекува од музеалците да поставуваат слики, или од посетителите да ги набљудуваат на ѕидови кои постојано се зголемуваат или намалуваат, при што плафонот на моменти толку се снижува што нема место ништо да се закачи, Лојд им одговорил: „Тогаш, пресечете ги сликите на пола“.
Негово интервју од 1957 (54 минути), кога има 90 години и е при крај на изведбата на неговото последно ремек-дело, токму музејот Гугенхајм. Новинарот не престанува да пуши во текот на целото интервју и да го провоцира соговорникот, а Лојд Рајт не престанува да биде скроз кул, обидувајќи се да објасни, меѓу другото, што е разликата помеѓу тоа да живееш во нешто, и СО нешто, во соживот со архитектура која е „органска“.