Сè почнало како типична шега на шеретот-физичар. Ричард Фајнман го предизвикал својот пријател, тогаш наставник по математика во средно, Ралф Лејтон, со прашањето - „Што се случи со Тану Тува?“. Со оглед на репутацијата на Фрејман на некој што ги „мести“ блиските со загадочни прашања и приказни, Лејтон претпоставил дека овој термин е измислен.
Нo ваква земја навистина постоела, барем до 1926, кога била делумно реорганизирана и продолжила да постои, формално како независна социјалистичка република, но де факто како советска марионетска држава. Името се должи на главниот град, Тува, северо-западно од Монголија. СССР и Монголската народна република биле единствените две странски влади кои формално ја признавале независноста на државата додека таа постоела. Фајнман знаел за неа уште од детство, поради триаголните поштенски марки од неа што ги чувал во својот албум, а подоцна и поради интересот за туванскиот будизам.
Од овој муабет натаму пријателите станале опседнати со оваа тешко достапна дестинација среде Азија. Си зацртале план да отпатуваат таму, што за Американците при крајот на 1970-тите и раните 1980-ти било екстремно тешко, и поради генералните политички односи помеѓу САД и СССР, и поради навидум банални причини, на пример неможноста во Америка да се набават рубљи.
На многу начини, обидот да отпатува до Тува е алегорија за Фајнмановата постојана љубопитност да открива нови нешта, и за тоа како ги инспирирал своите пријатели и колеги да го прават истото. Целиот проект „Тува“ траел повеќе од една деценија, во која тие, чекајќи одговор од властите, формирале организација „Пријатели на Тува во Америка“, ги славеле туванските национални празници и изведувале „виртуелни“ патувања низ улиците на Кизил или Чадан, комбинирајќи го она што го имале прочитано со сопствената фантазија. Во текот на поголемиот дел од целиот овој период Фајнман бил болен од рак. За жал, визите на двајцата им пристигнале кратко време откако Фајнман веќе починал. Оттаму книгата што во 1991 ја напишал Лејтон е насловена: „Тува или ништо!: последната авантура на Ричард Фајнман“. Таа опфаќа и описи на културата, јазикот и историјата на местото, а во некои изданија е вклучен и мал диск со познатото туванско грлено пеење.
Наместо Фајнман, ова патување го остварила неговата ќерка Мишел, која пристигнала во Тува во јуни 2009. Истото, во одделно патување, го сторил и Лејтон.