Четворицата музичари кои го сочинуваат Данскиот гудачки квартет изгледаат како скандинавски каубојци - во нивната појава има нешто филмско и моќно, но нивното музицирање е и нешто повеќе од само појавност. Изведбите им се опишани како интензивни, магични, и на границата на психо-физичката издржливост. Пред маратонот во Њујорк тие веќе еднаш го извеле циклусот Бетовенови дела за гудачки квартет, а за тоа морале да се подготвуваат како да се спортисти, со добро испланирани дози проби, вежбање, физички тренинг и спиење.
Маратонот кој се одржа во Линколн центарот во Њујорк од 7-19 февруари се состоел од шеснаесет дела на Бетовен во опсег од неговите најрани композиции, преку големиот, херојски период и неколку експериментални, до пет доцни квартети. Сите тие на индиректен начин ја раскажуваат приказната за 57 години од животот на овој композитор, кого многумина го сметаат за музички Бог, но кој како човек се соочувал со куп проблеми: никогаш немал постојана партнерка или семејство, бил скаран со своите роднини, страдал од нарушено здравје, и немал нешто што денес би го нарекле „социјални вештини“, односно не знаел баш да се однесува во друштво. Па сепак, овој циклус според зборовите на еден од музичарите во квартетот, е како да запознаваш шеснаесет различни луѓе, секој со својот карактер.
Основачи на квартетот се виолинистите Фредерик Оланд и Руне Тонсгард Соренсен, и виолистот Асбјорн Норгаард, кои се запознале како тинејџери во народното средно школо во Јутланд (четвртиот, челистот Фредрик Шојен Сјолин растел во Норвешка). Во школото, кое било формирано во 19 век за да ги образува селаните во текот на студените и пасивни зими, дечките биле дел од аматерски музички ансамбли. Но подоцна прераснале во професионалци, кои сепак сакале да се одржат како колектив а не да тргнат по солистички пат. Себеси се нарекуваат „кавер бенд“, затоа што третманот на класиците според нив треба да биде ист како и на сите музичари кои напишале добра музика - со право таа да биде ставена под прашање, толкувана и субјективно доживеана.
На последниот ден од маратонот, додека публиката стоела на нозе, квартетот одлучил да свири и на бис. За четворицата да покажат дека уште не се уморни.