Затоа што е олицетворение на иронија...

Малала, искини ја Нобеловата награда

Денес кај нас пак пукнаа димни бомби и солзавец доле на Гевгелија. Жив жал, и за дечињата што се наголтаа отрови, жив жал и за полицајците распоредени, а најповеќе за оние кои веќе недела дена се чуваат во кампови и на отворено како жигосани. Тие не се никои други туку оние кои делат иста судбина како малата нобеловка. 

Се до пред два часа, не знаев многу за животниот пат на Малала, девојчето кое доби Нобелова награда за мир во 2014. Сè што знаев е дека таа е најмалата некогаш наградена нобеловка, дека потекнува од Пакистан и дека се бори за достапно образование за сите деца во светот, и тоа е сè. 

Не знаев, но, благодарејќи на можноста да имам дома телевизор и да гледам National Geographic за разлика од Северен Пакистан - родното место на Малала, дознав сè за нејзиниот живот, кој само пред неколку години висел на конец, откако куршум испален од Талибанците, завршил во нејзиното чело, така одземајќи и ги сетилата и создавајќи пареза на десната страна од главата. Како Малала успеала да се спаси од сигурна смрт е посебна приказна. 

Малала Јусуфзаи, сега веќе е полнолетна девојка која пред неколку години јавно се побуни за тоа зошто девојчињата од Пакистан  не смеат да имаат право на образование, за да едвај остане жива откако талибанското племе решило да ѝ пресуди за нејзиниот отпор. 

Нејзината животна сторија добива неверојатно светски познати размери откако норвешкиот Нобелов комитет одлучува да ѝ додели Нобелова награда за мир, а со тоа да и даде уште поголем мотив, Малала да стане олицетворение на борбата за човекови права, право на образование и верска толеранција во светот. 

Шетајќи се низ нејзиниот живот со вечерашната документарка, наидов на сцени како таа кажува дека по прогласувањето на воените дејства во Пакистан, таа бега со семејството низ државата барајќи спас од Талибанцитe, а сè заради, како што вели, погрешното толкување на Исламот од страна на т.н радикални исламисти.

What the fuck, Malala? Тоа тебе ти се случи во 2012. Доста ти беше промоција. Затвораме граница. Фајронт.

Затвораме граница пошто оние кои тебе ти дадоа Нобелова награда, и кои секојдневно те примаат на разни предавања, приеми и пречеци, на крајот покажаа дека ти се покакаа на секој твој збор за поголеми права и слобода на движење и образование. 

Врати им ја наградата, Малала. Зарем ти треба таква иронично - апсурдна награда?

Врати им ја таа иронија.

Врати им ја, затоа што дури и нас како нечленки на Европска Унија нè натераа одамна да ги затвориме портите за бегалците од твојата држава, затоа што од денес, твоите во Грција веќе не може ни да бидат регистрирани како мигранти и баратели на азил некаде низ Европа, фрли им ја тутурутката затоа што твојот народ од денес на Лезбос е чуван во посебни шатори како да се шугосани.

Фрли им ја наградата затоа што од една страна со вакви награди наводно даваат признанија за твојата или борбата на Каилаш Сатиарти од Авганистан, а од друга страна, вашите ви ги третираат како да се стока од луѓе, а не страдалници кои бегаат од насилство. Ене ви ги доле на Идомени, 6000 на број, па уверете се. Ене ви ги 25 илјади низ Грција распрскани. Пребројте ги.

 

Фрли им ја наградата затоа што и нас не натераа преку некакви си квоти за приеми и транзит, на бегалците да им пуштиме денес солзавец и димни бомби доле на Гевгелија, фрли им ја затоа што наместо мир, ние жилет огради од Орбан подарени заковавме, затоа што светот и Европа не се борат за мир, туку за уште поголема поделеност и репресија.

 Фрли им ја наградата Малала затоа што со тие еден милион фунти што ти ги дадоа, и со куќата во Бирмингем подарена, тие си одбраа олицетворение за нивната иронија. Фрли им ја затоа што тебе те прибраа, те спастрија, а на остатокот од твоите, им покажаа среден прст налик оној на раперот во македонското Собрание.

Така те направија еднаква меѓу нееднаквите, заборавија дека Талибанците и понатаму колат и убиваат, фрли им ја наградата затоа што индиректно, сите станавме соучесници во убиство со умисла, терајќи ги сите девојчиња како тебе назад во кланицата исисовско - талибанска. 

Фрли им ја наградата, Малала Јусуфзаи.

Не биди и ти дел од таа машинерија. 

 П.С

Немилиот настан на Гевгелија, сега веќе случка од вчера, како волонтер и борец за човекови права, и човек кој дочекал и испратил повеќе илјадници Пакистанци и Авганистанци на Табановце и Лезбос, ме натера да ги срочам овие редови, само за да сама на себе си докажам дека и јас сум Малала, и дека секој оној кој овде во Македонија се бори за правата на сите нас од мајка родени е нобеловец ненаграден. Но, не онаа Малала која Европа би сакала да ја думка на свои колена.

Јас не сум една од петте уставни судии. Не сум ни рапер пратенички, но на Европа која ваму ми протежира еднакви права и демократија, немам страв да и покажам среден прст заради затворените граници. Надвор вечерва лијат дождови, а доле на Гевгелија, нечии дечиња и бремени жени спијат на отворено. 

Малала, сељам алекум од Македонија. 

#ملالہ یوسفزئی‎