Mода и традиција

Дежаву Венеција

Не е секој момент погоден за Венеција. На карневал е преполна, па немам храброст да одам. На есен, за време на филмскиот фестивал, е лажна и премногу наконтена. Биеналето ја прави преинтелектуална за мој вкус. Во лето ја избегавам заради влажноста, топлината и заради туристите кои ми го крадат воздухот. Oдам секоја пролет и секое заминување ме обзема невидена тага заради сè што имаат и заради сè што ние немаме и нема да имаме. Во неделата отидов за изложбата на Климт ( и на шопинг, нормално) и си ја потврдив големата способност да убијам секаква романтика и да си го уништам денот. Дури и во Венеција.

Првиот пат ќе ја доживеете како сите останати. Отакако ќе ги видите сите цркви, изложби и уметнички галерии, ќе се сликате покрај сите мостчиња и покрај гондолите, ќе се пикнете по темните сокачиња, ќе плакнете очи во кале Деле Мерчерие и во кале Валаресо каде ги има сите луксузни брендови во мега продавници кои блескаат, ќе храните гулаби на Пјаца Сан Марко, ќе поминете преку Риалто, ќе го испосликате Палацо Дукале од сите перспективи и ќе вечерате во некое романтично кафанче покрај Канал Гранде можеби ќе почнете да ја гледате од друг аспект. Тогаш ќе видите дека меѓу цела маса западноевропски, скандинавски и јапонски туристи ги има нив. Накитени, намирисани, дотерани, мали, негувани, прекрасни. Жени од третата генерација.

Колку повеќе гледам, повеќе ги наоѓам, а мислите ми стануваат бучни. Кога како помала требаше да пишувам некаков расказ поврзан со баби, сликата за баба која ми излегуваше пред очи беше секогаш иста. Во Кичево во раните деведесети сите баби си личеа една на друга: седнати во двор на триножно столче, со гумени влечки два-три броја поголеми, со скутини скинати овде-онде и секогаш облечени во темно. Таа црнотијата никако не ја вадеа, ги жалеа мажите, браќата, сестрите, свекрвите, сите по ред. Ретко се смееа. Ретко имаа нешто убаво да кажат. Изгледаа како да им тежи што се живи. Се преселив многу мала, израснав во Скопје и иако видов дека не се сите баби исти, сепак таа слика од детството не ме напушти до ден денес.

Другарка ми Карлота која е родена на Света Елена, еден од венецијанските острови, има баба каква што јас мислев дека постои само на филм. Секое сабајле се дотерува, се шминка, става бисерни ланчиња и антички менѓуши ја зема нејзината Шанел ташна купена во шеесетите и излегува. Оди на пазарче да купи свежа риба. После тоа се среќава со нејзините другарки кои се слично накитени и одат да пијат чаша вино пред ручек. Сите или речиси сите вдовици, сите над 75 ама се смеат гласно, зграпчени се за животите до немај каде, одат на театар, во кино, шетаат низ европските градови, одат на шопинг, се подновуваат секоја сезона: Гучи, Витон. Хермес, Шанел, која како стигне.

Меѓу Карлота и мајка и нема разлика. Ама ја нема ни меѓу неа и баба и. Ние денес понекогаш тешко комуницираме со нашите мајки кога е модата во прашање. Не ги разбираат голите стомаци во зима, ниските струкови, не разбираат зошто ни требаат штикли во 10 различни бои, понекогаш не разбираат. А камо ли бабите. Со бабите никој не прави муабет за мода и алишта. Табу. Никој ништо не ги прашува. Не си дозволуваат да отворат уста за да не кажат нешто погрешно, зошто нашиве времиња не ги разбираат. А виделе војна, градење на систем, на држава, се вработиле, родиле, виделе пак војна, пак распаѓање, пак градење, закопале мажи и ( скраја да е) деца ама сепак нив никој ништо не ги прашува. Некои од нив се уште не облекле панталони. Не возеле кола. Не знаат како е да јадеш ресторан. Не знаат што значи шопинг. Не знаат што значи салон за убавина. Не знаат како е да спиеш во хотел. Да леташ со авион. Не го виделе Париз, Рим, Венеција.

Ако човек оди надолу во Сицилија, во Молизе, во Калабрија ќе начека иста слика. Балкански repeat. Ако нашите баби и оние од италијанскиот југ не се роделе кај што се родиле сигурно ќе изгледаа поинаку, ќе зборуваа поинаку и ќе умираа поинаку.

Не помислив ништо ново, не ви кажав ништо што не знаете и не ви дадов никаква модна информација. Не ми беше тоа целта, очигледно. Не ми беше целта да споредам два светови кои не се допираат. 

Денот ми заврши. Зајдисонце на Пјаца Сан Марко. Пијам Мартини коктел. Оставам црвена трага од Руж Коко на чашата. Грицкам чипс. Џинот ме удира во глава, ми навира бес. Заради сите бабетини во Венеција кои гласно зборат на дијалект и силно удираат со чашите додека прават "чин чин". За баба ми која веќе ја нема, за баба ми која е жива, за сите баби во Кичево, за оние кои немале избор и за оние кои немале можност, за сите баби насекаде низ нашава вукојебина, полни со тага и со незнаење кои цел живот живееле живот неживот.

Емили, Италија
emabela@yahoo.com

27 март 2012 - 22:14