Прво да не се чита на суво... Жлебот е во срцето
Да дефинираме, радио е апарат што прима електромагнетни зрачења што ги емитуваат предаватели на одредени фреквенции. Не го измислил Маркони, туку Тесла (штембиљирано од патент-управа на ју-ес оф еј, па тука завршува муабетот).
Е, муабетот за улогата на радиото во мојот живот е друга. Основното школо (Дуња) ми беше на 50 метри од влез, ама часовите почнуваа во седум и пол, ко у фабрика, па баба, Бог да ја прости, ме будеше во шесипол, пошто тато и мама веќе беа отидени на работа, ама не заборавиле да го пуштат радиото, и тоа на УКБ (ултракратки бранови, или еф-ем денеска) на Македонско радио, радио Скопје. А во седум, додека беа готови рибанките (пржени лепчиња... француски тост - рибанки бидејќи во зејтинот у време на СФРЈ/СРМ имаше многу рибино масло, а и кокошките ги ранеа со отпад од риби у прав, па кога ќе искомбинираш јајца и зејтин, куќата ти мириса на риба, а ти јадеш жути лепчиња... издигресирав)... значи, у седум, додека ги јадеш рибанките, пред вестите у седум идеше „Деновиве пред години". Пред тоа идеа чалгии (фала Богу), па вести, па пак чалгии или хитовите од Скопски фестивал (зависи кој пушташе музика, нели). Сега ги укинаа чалгиите отсабајле, има само L-евергрини (белградски жители на гурбет на скопски фестивал).
а радиото беше вакво
тоа беше главното радио у дневна, после у спална ни ставија некое од ЕИ НИШ, ама исто со мала подлога за плочите, па ми ги правеше плочите партал (односно брановидни)... ама тоа е муабет за после.
Нејсе, главни ди-џеи дома значи ни беа баба и дедо (пошто шо ќе мењаат станици кога има две (и со бројки, 2) и тоа наместената секогаш беше боља од другите.
И така испрограмиран со чалгии и со поезијата на Ацо Шопов и Радован Павловски во современо толкување на Славе Димитров и компанија (бас линии на Хендрикс, филхармонија свири Бетовен, а Маја Оџаклиевска го плаши микрофонот со тоа усните нигерски), открив дека на радио имало и ФМ и АМ (т.е. УКВ (ултракратки валови/далги) и средна бранова должина, да не зборам за ултрадолги бранови... па откако во седмо дознав дека тоа долгите бранови можат да ја свртат земјата за полсаат и да ги фатиш ако имаш антена... земав да правам антени.
Малку физика. За ФМ ти треба шипка, за АМ ти треба антена ко оние радарските на бродовите. А тие се правеле од жица... па си купив жица (бакарна, шо не рѓосуе), па ја направив мрежа ко за радар, па додека Драган Б со точка Костич да почне со Диско Селектор (на втора програма), веќе фаќав Рејдио Лаксембург и Би-би-си уан на тоа чудото што моите се смилуваа да ни го стават во детска соба.
И така, почнав да ги малтретирам дома со музики. На тоа средните бранови некогаш фаќав и српски станици (Студио Б и слично), ама не разбирав повеќе од Аба, Бони Ем и Сантана у тоа време, па откровението фактички дојде кога татко ми не ми даде да го подигнам вокменот нарачан по пошта од Загреб (поузечем), туку ми додаде уште толку да си купам Тоска 21 и плочите го зазедоа приматот понатаму (она бетонскине плочи од Југотон што се збрануваа по две слушања на тоа радио-грамофонската шкаламуција, ама Тоската имаше поголема подлога па можеше да ги извозиш плочите барем десетпати без да се разбрануваат).
Значи, пауза, грамофонот е цар едно десет години. За тоа што не се издаваше у Југославија, имаше Блоу-ап во Солун и касети. Тогаш преснимувањето не се викаше пиратирање, туку делење музика (првото слушање на Џој Дивижн беше на толку тапа касета што не знаев дали дечките се стварно толку мрачни или касетофонот на другар ми стварно нема средни). И Дејвид Брн (од Токин Хедс) има напишано ода за преснимувањето касети. Главната поента, што му држи, е дека сите што преснимувале/пиратирале се всушност музикољупци и после ја купуваат музиката (јас сум жив сведок - све што ми се свиѓаше и што преснимував си го купив после на це-де).
Како временска рамка - горното се однесува на периодот 1977-1987, потоа времињата се менуваат. Се појавува Ем-ти-ви, мјузик ченел... телевизијата малку го потиснува радиото (пошизик беше да си Ви-џеј отколку Ди-џеј), се храневме со музика од квази-кабелските оператори што ни влечеа кабли по влезови за да ни пуштат... главно за Ем-ти-ви беше работата, ама...
1990-та, распадот на Југославија, Изи искамчува од татко му радио (и тоа музичко) во рамките на наш'то МРТВ. Строго музичко, не смее да се збори на него (аха, нема проблем, само ќе ги најавуваме стварите). И така се раѓа Канал 103 (што уште е сираче на МРТВ, ама работи). Славеше роденден на 30 мај.
Значи, 90-ти... и тука доаѓаме до поводот за написов. Скок во 2013-та, слушам радио Б-92 (тоа белградското) и некоја сродна душа што во 1990-ти бегала по бели светови од лудилото што владееше тука (не сродна душа по бегањето, туку по љубовта кон музиката). И со домаќинот пуштаат музика од времето кога биле ди-џеи по Белград 1991-1996. Кратко и јасно... кутрите.
Овде ја имавме стотројка, место каде што се собираа сите манијачишта што трошеа хонорари од собирање портокали по Грчки (и слично) на плочи и це-деа (или дел од хонорарите на тато и мама) и го пуштаа тоа во етерот. Имаше чат-пат и по некој што ќе се бутнеше во радио 1 на МРТВ, ама таа кариера не им траеше долго (премногу чудна музика за уредниците во тоа време). Па фино си почнаа бизнис со пуштање музики по тоа една и пол дискотеката што ја имавме тогаш (Мусандра и Хард Рок), па почнаа да доаѓаат сите тука (наместо да се влечкаме со автобуси до Будимпешта и Нови Сад). Сакам да кажам... напорно беше (дојде до таму што Ѕинго плаќаше со бонови за у неговите продавници, бензин чекавме отсабајле у шес до пладне), ама имаше музика... а кутриве северни соседи... не слушале музика, ја немале стотројка. Изборот не им бил музика или турбофолк, туку турбофолк или тумпа-тумпа (тука улетуе муабетот со другар ми Игорче монтажерот со неговата пророчка изјава во тоа време... „за десет години ќе има само техно и турбофолк журки по дискотеките" - how true).
Арно ама, тука има друг момент. Стотројка во 90-ти кај нас ги обедини андерграундот (алтернативата, инди-сцената) и шминката/кремот. Заедничко? Музиката. Има еден муабет за влечење декови (за новите генерации - студиски модули за репродукција на аудио-касети) у кафана за да се сподели најновата ствар што го шекнала среќниот сопственик. И од тој спој е никната сета денешна музичка сцена во МК - врв на тоа му доаѓа „Ајде да летаме", првиот хит на Каролина Гочева, класичен есид влезен у мејнстрим. И затоа денес ќе најдеш куп „алтернативци" влезени во поп-продукција, па и добро продуцирани ствари што шибаат по мејнстрим-радијата. За разлика од северното соседство, каде што границата меѓу турбо/турк-фолкот и алтернативата е дебела ко ѕидовите на Калето наше, па си или-или. Нема таму Трендо да свири со Гоце Арнаудов (Бог да го прости) - за илустрација, замислете Која од Кичма да шиба рифови за Весна Змијанац (а Која е еден од поасолните фаци горе.)
Да не бидам србоцентрик, една реченица за другите соседи. Од „сцена", верувале или не, само Тирана може да се пофали со луѓе со слух. Тоа на исток (БГ) и југ (ГР) се гревови. Да не грешам душа, Грција (поточно, Јужна Македонија со главен град Солун) може да издржи концерт на Дед кен Денс (лани - посетители претежно од Македониите), ама од истокот не истече еден гостин за наш'те фестивали тука и посеверно (мислам главно на Егзит). Може на југ држи хард-кор сцената (грлодерачи на многу гласно рифање), ама тоа е ептен мала полица (да не кажам ниша).
Нејсе, антифашистичкиов викенд (пошто никако да се договориме кога завршила Втората светска, Тито морал да ги брка Швабите уште пет-шес дена по официјалната капитулација) 103-ка слави роденден онака продолжително, Б92 (што не може да ги прежали деновите на Отпор-индустријата за извезување револуции по „затуцани" поранешни византиски и османлиски територии) слави 25 роденден од 12 мај натака, а како круна на сѐ, во Дом на млади (ова кај нас, Скопје) има прослава на Денот на младите на 23-ти со чк-чк-чк и Кичма (шо би рекол Мирко пи-ем-џи, општонародна веселба). кРај.
П.К. (после крајот) Да нема забуна, јазикот (говорот) спаѓа во музика.