Ни признаваат и држава, и јазик и народ и територијален суверенитет, немаме горливи прашања, си имаме наши општини таму, градоначалници, пратеници. Зборувам за Албанците во Албанија. Овде кај нас, се случува ова:
„... Македонците во Струга, Дебар и во Тетово за работата на својата општина не можат да се информираат од веб-страницата. Тие се жалат дека уште од почетокот на мандатот на новите градоначалници на овие општини на официјалните страници информациите се поставуваат само на албански јазик... Преведени интернет-страници кај нас имаат само општините Кичево и Гостивар, а некои од помалите албански општини воопшто немаат ни официјална страница..."
Ова е напис од „Нова Македонија", а авторот на текстот уште и додава дека пробал да добие одговор од кабинетите на градоначалниците на кои веројатно сето ова им е шармантно и забавно (а како и не би било?) Она што како одговор го добиле луѓето од Нова Македонија било нешто од типот на: „- Ауу, што збориш бе? Нема македонски, а? Лошо, лошо батка. Ќе га средимо, ќе ти јавим до крај на ден, миљон посто ќе ти јавим кој правел таква беља и не турил македонски на веб-сајт". После што следи спуштање на слушалка и едно „Хааааааааааааааааааа, Уозааааап, Банзааааааааиииии".
На проблемите со јазикот реагираме жолчно. Нормално е. Јазикот е еден од дефинирачките параметри за културолошката автохтоност на еден народ. Без јазик, ко без пиво - нема живот. Ако го немавме македонскиот, а слабо шибаме англиски ин џенерал, како ли ќе можевме да се разбереме меѓу себе? Српско-хрватски? Индо-бугарски? Пакистански? Како ли би звучела теленовела синхронизирана на маџарски? Па тие не се ни караат меѓу себе од што им е грозен јазикот пер се. На свадби едвај си го кажуваат она „Да" бидејќи уста не им се отвара. Замисли сцена: облакодерна оцвеќена полусоблечена Венецуеланка (нек се вика Глорија) стои на колена среде голем кревет. Чаршафите згужвани. Наоколу тече Sexual Healing на Марвин Геј (ненатсинхронизирана). Абе тензично ко на седница од наш парламент. Глорија ја спушта едната рамка од белиот градник која паѓа по нејзината рака на висина на градите. А тие две убавици ѝ пркосат на гравитацијата како скокалница во Гармишпартенкирхен. Таа го погледнува со кристалните очи полни шампањ нејзиниот одбраник, човекот кому тотално ќе му се предаде и на најнежен натсинхронизиран маџарски јазик му вика: „Кашајаш шјоргзидад жагагшаш сереетле". Еректилна дисфункција, инстант.
Немојте бе јазикот да си го шиткаме, ниту трето дете ќе се види ниту ќе има кој да абортира. Ако го нема македонскиот ќе се резилиме во кафана. Знае некој како се вика мезе на германски? „Хер конобарен, хабензи гедонесен цу хиар ајнен..." и толку. Трокирање. Лицето поцрвенува, две солени капки се лизгаат странично по лицето. Плаче мозокот. Како ќе му објасни на организмот дека мора да се стане од кафана бидејќи целиот мезачки ритуал не може да се одвива во недостаток на јазик?
Знаеш што друго не може да се прави со обезјазичување? Добро де, и тоа, се слагам, ама мислев на бакнувањето. Сексуалниот живот на народ кој нема јазик ќе се одвива во динамика а ла Хер Флик од „Ало Ало": „Хелга, сега смееш да пристапиш до мене. Застани тука. Сега смееш да ме бакнеш". Ќе следи едно цмокче па легнување во кревет каде кој како знае и умее треба да работи на репродукција чисто за спас на родот наш македонски.
Политички митинг! Имаш фанфари, огномети, чирлидерки, слонови кои играат на две нозе и уште неброено многу други реквизити кои вообичаено ги има на ваквите паради. Редици со стотици луѓе кои се како примати. Не знаат како да ја искажат возбудата од присуството на еден таков свечен момент, толку свечен што на илјадниците кои патуваат од град во град секој еден ден воопшто не им пречи репетето. Мерачки го пијат секој секунд, испуштаат крици, мафтаат со раце во знак на одобрување. Излегува лидерот и бидејќи немаме јазик, вади слика од опонентот, собира шлаем од петици и како далај лама го маркира посред чело. Урлање меѓу публиката после овој иницијален осврт на лидерот кон своите опоненти. Ако зборува за националната стратегија, зема уште една таква слика и ја става на пикадо, па игра со сопартијците на бина една партија крикет. А што да прави човек без јазик, да пее ли? Ха! Да. Трета сцена: лидерот е напред со каубојски шешир и бенџо во рака. Немаме наш, но може да се користиме со туѓ јазик, за свечани моменти. Позади него наредени поданиците од партија како хорот на еврејските робови. Шефот започнува да мава по бенџото и да си цупка во ритам со десната нога, а во позадина екипата игра убрзана макарена, додека сите заедно пеат некоја песна од Ејси Диси во кантри верзија - така ќе мора да се информираат гласачите за инвестициите во електричната инфраструктура или пак да се пушти во употреба некој трансформатор. А дури и песните на Ејси Диси би звучеле поубаво на македонски: You Shook me All Night Long - Ме шукаш по целиноќи, Thunderstruck - Стевче, Highway to Hell - Мостовите на Стража. Ет сетера, ет сетера.
Не ми е сеедно да знам дека на веб страницата на општина Тетово или Струга, македонскиот јазик го имат снемано. Не во една ваква прекрасна мултинационална оаза на мирот на Балканот во која можеби луѓето чат-пат немаат баш разбирачка, но тука се политичарите со муда и со од бога дадена сила и енергија да ги испеглаат односите и да нè научат дека треба да се почитуваме меѓу себе. Не е ич убаво во моја Ма... во наша де Македонија да се случуваат вакви работи. Македонски јазик, аш. Изноумор. Мисинг ин екшан. Бт уај? Поркуа? Псе?
Апелирам, инсистирам, би подмитил ако треба било кој од ценетите интелектуалци или силеџиите кои сите ги слушаат бидејќи имаат многу солиден боди ленгвиџ во општините Тетово, Струга и другите двојазични средини - да ни го вратат јазикот. Ако немаме јазик, како ќе се разбираме?
Плус, причините се и малку лични. Можеби еден ден ќе сакам да успеам во политика. Па, ми треба бе јазикот, повеќе од сè.
Тунг.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT
п.с. Особен ќеиф ми е што нов комшија на виртуелните бавчи на Трендоленд ми е Отец Пимен, еден прекрасен, нормален Човек. Отец, здравоживо, за убаво да е и за многу години :)