Елегија за Миичка пчеличка

Пред една недела, ми кажува братучетка ми...

Бев до кај Миа и се наведнав над машината што дишеше за неа... Тивко и шепнав

- Миа, ако сакаш сине да си одиш кај сестра ти, оди си, но ако решиш да останеш, издржи да се бориме заедно. Од затвореното окце на Миа се сли една солзичка, ми раскажуваше Елена...

Солза како збогум од овие светови...

Миичка пчеличка вчера во 15 часот, замина да собира мед во некои други светови каде што нема доктори, каде што нема тубуси, инјекции, каде што нема инфузии, инкубатори, голи мешиња избодени...

Корпата мед белким ќе има снага да ја носи секаде со себе, откако одовде ни замина тешка едвај две кила. За седум месеци колку што и се бореше да дојде до воздух, срцето само толку натежна.

Накрај, после два ножа на срце отворено, почна телото во сопствена вода да се дави. Отекоа рачиња проѕирни, отекоа ноџиња, а белите дробови нејќеа веќе да слушаат пошто и така недоразвиени се родија.

Миичка пчеличка...

Срце мало, невино. Намачено, измачено, во небо сега вивнато.

Што накрај да ти посакам Миичке?

Патувај и барај си ја некаде таму на ливадите сестричката од која те одвоија во надеж дека барем ти ќе се спасиш од болештини. Близначки во мајчина утроба си бевте, близначки и сега останете, а солзата на мајчините зборови иако несвесна беше додека мајка говореше, нека пресуши. Нема веќе болка и плачење. Сега веќе ништо нема да ми те боли.

Знам дека и од таму некаде многу си благодарна на сите што донираа за тебе и за твоето здравје. Листата е долга. На сите посебно, многу им благодариме. 

И јас, и ти, и твојата мајка, маченица Елена.

Збогум, Миичке моја, пчеличке.

Тета Сандра

П.С

Во мое име, и во име на мајката на Миа, мојата братучетка Елена Стефановска, огромна благодарност до сите вас кои се одваживте со финансиска и морална поддршка во борбата за Миа. Миа почина од компликации со срцето и белите дробови, после две операции и вграден песмејкер. Таа после сите измачувања, скоро и да не ги отвори очињата бидејќи за неа дишеше респиратор во борба да закпрене телото кое од ден на ден се повеќе се полнеше со вода. 

Смртта на Миа нека донесе долг живот за сите дечиња на планетата. 

Со почит, 

tomovska.sandra@gmail.com

 

24 април 2017 - 21:12