Сонувате ли редовно? Ви се случуваат ли филмови насоне? Најверојатно да, и жанрот на тоа што го сонувате најверојатно има широк опсег. Знам по мене, мене соништата досега ми ги режирале и Буњуел, и Лукас (Џорџ, ама добро би ми дошол и по некој Аца, поради женските), и Гринавеј, но сепак највеќе ми личат на првите треш филмови од Питер Џексон. Тие и ми се најдраги, затоа што се тотално надреални, затоа што преку нив си ја добивам мојата доза на психоделија и моето бегство од оваа сурова реалност. Некогаш ми е ептен жал кога ќе се разбудам и по кој знае пат повторно сфатам дека ми е жал што не сум останал во надреалниот театар продуциран од мојата амигдала во соработка со неколку подзаборавни синапси. Но колку и да ми е жал, станувам и си викам: одиме понатаму.
Со унијата на млади сили од нашето ни најдраго племе ситуацијата е малку поинаква. Механизмот кој некако сме успеале да го инсталираме и кој нè тера да одиме понатаму (дај боже и по нагорна линија), кај нив децата е сведен на елементерно преживување. Нема одговорност за другите членови од племето, нема работа, има нешто што се вика повторлив процес на одење на училиште во кој, барем кај нас, освен социјализација и малце спорт па и нема некоја посебна дразба. Нема ни поттик. Е тука, драги мои племенски раководители, тука сте најмногу потребни. Не велам дека не се потребни вашите секојдневни борби со животните за да обезбедите храна на вашата трпеза, вашите битки и освојувања за што подобра и поголема племенска територија, за машини и гаџети кои би го олесниле и разубавиле напредокот на вашето племе. Само велам дека, ако навистина си го сакате семејството, "препорачливо е од експерти" да поминете извесно време и со него на креативен начин.
А има ли покреативен начин од играње игра? Да, се согласувам со тоа дека животот е игра сам по себе, но сметам дека е нужно да си ги мериме силите и лично, и локално, па и фамилијарно. Не би постоеле ни Шах, ни Табла, ни Карти, ако не постоеше тој исконски ген за битка во која, барем краткотрајно, сме достоен противник, а и да не сме, не ни е ни гајле, бидејќи е само игра.
Копиљациве сакаат да се играат уште од кога се на цицка, па проверуваат која сирена е за кога ќе гризнеш лево, а која е за десно. Од тој момент Тие играат, а и вие сте соучесник.
Најдобро е кога се игра заедно, во поголема група, а за тоа е семејството најпогодно. Модерни племенски игри, каде што понекогаш поискусните свесно им попуштаат на јунферите за да има баланс и биде интересна играта. На крајот од краиштата, тим-билдинг е нешто околу кое цела наука направија експертите од кадровско. А дома, вие сте хјуман рисорсис. Па "Не лути се човеку" е една од основните лекции по психологија на социјалното битие и најверојатно и вие сте ја играле со вашите родители.
Сепак, животот на овие мали сајбер-панкери е сè повеќе е дигитален. Не се правете наудрени, поради тоа што и вашиот, навидум нормален и (старо)моден стана таков. Пред да им смрчите на децата, запрашајте се кој виси на мрежа и во фирма и по дома? Соодносот на примена количина дигитални сигнали (вклучувајќи и ТВ) помеѓу децата и возрасните, секако е во корист на децата. Тие барем на училиште не играат игрици или трачаат на тамблер, а и повеќе се надвор, на улица, од вас.
Воедно, висењето на компјутер на нив им доаѓа како излегување надвор, во виртуелниот свет, каде ем се дружат со повеќе свои истомисленици, ем се чувствуваат посилни. Играат и комуницираат во својот свет, под маската на сопствениот аватар, и сите тие се исто така мали суперхерои во своето виртуелно маало/корзо/панаѓур/диско како и вие некогаш, дури и повеќе од вас.
На некои поглавици им пречи содржината на игрите: биле насилни, не биле ластик или фудбал, детево ќе забегало и слични стереотипи.
Па шо?
Јас не ја купувам таа приказна.
Прво, ако сакате да бидат надвор, однесете ги надвор и правете нешто заеднички со нив. Бадминтон, на пример, е заборавен спорт и за машки и за девојчиња, но и за вас. Примери за аутдорс имам уше миљон, ама јасен ви е концептот, нели.
Второ, а второво особено важи за оние кои беа т.н. "бубалици"или "тапа спортисти", е дека денес и гиковите се на цена. Вашето дете можеби е труп за фудбал и не може да погоди ни празен гол, ама во исто време може да биде шампион во ПЕС (една од популарните фудбалски игрици ако не сте знаеле досега) у маало, а и пошироко.
Третото е од проста причина што знам дека копиљациве се совршено свесни за тоа што прават и каде, исто како што сме биле и ние своевремено. (Помош и "експертска" анализа од авторот: Во играта Народна, два народа се тепаа со топка до истребување. Коментар не е потребен; Џамлии на ќар беа сериозен увод во понатамошни обложувачко/коцкарски активности; Камај значеше дека си мртов, освен ако не те фатат со раце жив, а тоа поретко се случуваше; Во ластик најдобра беше онаа што највисоко ги дига ноѕете, така велеа машките. Долга магaрица, треш. И после сето тоа преживеано што ни фали нам?)
Исто така, мора да се сложите со фактот дека е подобро копиљот да потепа едно чудо гусари, полицајци, а богами и терористи, или да погази со кола едно чудо невини пешаци во ГТА5, отколку да пали гнезда на мравки или измачува мали мачиња и кучиња.
Што и да е закључокот на оваа бавча, овој пат ќе ви оставам вашата, посакувана или не, реалност да си ја изберете сами.
Заебано нели?
Иво