Животните се пијанчат почесто отколку што мислиме

Животните многу повеќе претпочитаат ферментирани овошја отколку што досега се претпоставуваше, што значи дека им е јасно какви ефекти врз нивното расположение предизвикува етанолот во нив. Не е најпаметно пијани да се пентарат по дрвја со куп предатори околу нив, ама па алкохолот и паметта никогаш не оделе заедно.

Животинскиот свет, и ние и другите, знаеле да се фатат за шише многу порано отколку што реално постоеле шишиња.

Зоолозите досега како анегдотални ги доживуваа сведоштвата дека некои животни се поднапиле, толкувајќи го тоа како случајност: животните наишле на овошја кои презреале, им требале калориите во нив а попат добиле и доза етанол.

Таквото објаснување се темели на фактот дека еволутивните придобивки од опивањето не се очигледни, освен ако не сте човек на кому алкохолот му треба за да го подмачка некое социјализирање.

Така е во хипер-дарвинистички поглед на еволуцијата, каде што сè мора за цел да има опстанок на видот.

Оваа перспектива сепак се менува.

„Ние се оддалечуваме од овој антропоцентричен став дека етанолот е нешто што само луѓето го користат“, вели д-р Кимберли Хокингс, бихејвиорален еколог од Универзитетот во Ексетер. „Во природниот свет алкохолот е многу позастапен отколку што претходно се мислеше.”

За среќа на животните, повеќето ферментирани овошја достигнуваат само 1 до 2 проценти алкохол по волумен, што значи дека треба или да се изеде многу овошје или пак да се има многу ниска толеранција, за животното „да се фати“. Сепак, Хокингс и колегите регистрирале дека презрели плодови на палми достигнуваат и до 10,3 проценти алкохол, нешто помалку од вино.

„Од еколошка перспектива, не е поволно да се напиете додека ноќе се качувате на дрвја опкружени со предатори - тоа е рецепт да не ви се пренесат гените“, вели молекуларниот еколог д-р Метју Кариган.

 

30 октомври 2024 - 18:50