Што ги натера македонските желки да станат геј?

Француски научници го избираат Голем Град во Преспанското езеро како совршено место за тестирање на својата заинтересираност околу геј животни, кои иако се релативно честа појава, и понатаму не им држи еволуциската логика.

Општата дилема на научниците околу хомосексуалните животни е зошто тие би трошеле скапи калории, неопходни за да најдат и да се парат со друго животно од истиот пол, кога тоа парење нема да доведе до потомство - главната причина зошто сексот воопшто се случува во дивината.

Темава ја истражуваат група француски научници предводени од Ксавиер Боне од Центарот за биолошки студии. Тие седум години го следат желките на островот Голем град (дифолтната сорта што ја има низ цела Македонија).

Изборот паѓа на Голем град заради неговата изолираност, бројноста на популацијата на машки желки - која според истражувачите се поврзува со немањето доволно топли гнезда за создавање женки - и теренската поделба на островот заради која вкупната популација е поделена на две речиси изолирани групи, една на горниот дел од островот, друга на брегот. Првата има популација од 95% мажјаци, кај втората бројката се движи околу 77%.

Кај овие од првата група, од горниот дел, 74% од сексуалните односи што ги регистрирале истражувачите биле хомосексуални. За разлика од нив, кај втората група ова било регистрирано само во една третина од случаите.

Освен ова било регистрирано дека желките биле прилично настрани во сексот и дека мажјаците се качувале на младенчиња, мртви мажјаци, скелети од желки (празен оклоп) а "двајца се забележани како се обидуваат да се парат со камења кои едвај малку потсетувале на желки." Сето ова било почесто кај групата со само 5% женки.

"Што е заклучокот? Истражувачите сметаат дека одговорот е составен од два дела: кога мажјаците сексуално се возбудиле, и не можеле да најдат женка а им требало оддишка, тие биле помалку пребирливи, во исто време не постои ниту една добра еволуциска причина зошто би се корегирало ова однесување.

Со други зборови, од еволуциска перспектива, за сексуално возбудените мажјаци корисно е агресивно да се обидуваат да се парат со што било што наликува на женска желка, бидејќи генерално зборено, крајниот резултат, доколку сè мине како што треба, би бил парење со женка која на крај би снела јајца. А во ситуација кога наоколу нема доволно женки, нема никаква негативна нуспојава од пробување со други мажјаци (или камења или скелети).

Теоретски со тек на време мажјаците би требало да имаат еволуирано механизми кои би ги направиле попребирливи, ама истражувачите шпекулираат дека 'развојот, одржувањето и функционирањето на овие специфични структури кои селективно го филтрираат нашето (истополово) однесување можеби се премногу скапи (и бескорисни) за машките желки.'" пишува Џеси Сингал во Сајанс оф ас.

8 јуни 2016 - 12:18