Вухан планира како да ги тестира сите 11 милиони жители

Плановите се во почетна фаза но за сега ја опфаќаат целата популација на градот, и веќе од сите области на градот е побарано да испратат детали за тоа како би можело тестирањето да биде спроведено во рок од 10 дена.

Секоја област во градот е одговорна за креирање на сопствен план врз основа на големината на нивната популација и дали моментално има активно избувнување на болеста во тој дистрикт.

Планот е крстен „10-дневната битка“ и наведува дека постарите луѓе и густо населените заедници треба да имаат приоритет кога е во прашање тестирање.

Неколку високи кинески функционери за Глобал тајмс изјавиле дека тестирањето на цел град (од 11 милиони луѓе) би било неизводливо и скапо.

За споредба, бројките на Белата куќа покажуваат дека САД дневно тестира по 300.000 лица, и до сега има покриено вкупно 9 милиони луѓе.

Одлуката следува откако минатиот викенд во градот беа регистрирани 6 нови случаи. Претходно, во Вухан немаше ниту еден случај од 3-ти април.

Вухан 11 седмици беше под строги мерки за изолација. Градот почна да се отвара на 8-ми април и до викендов работите изгледаа како да се враќаат во нормала, па се отворија училишта, продолжи јавниот транспорт и фирмите почнаа да работат.

Досегашниот биланс на Кина беше 82.919 заразени и 4.633 починати.

12 мај 2020 - 12:04