Ставање крај на коронавирусот преку групен имунитет е „опасна заблуда“

Стратегијата за борба против ковид-19 која се базира на имунитет на стадо е „опасна заблуда која не е поддржана од научни докази“, се наведува во предупредувачкото писмо потпишано од 80 меѓународни научници.

Во писмото објавено во најврвниот медицински журнал - Лансет, се вели дека општиот интерес за групен имунитет доаѓа од „општо распространетото деморализирање и се помалата доверба“ како резултат на повторното воведување рестрикции во голем број држави заради зголемениот број новозаразени.

Околу логиката дека треба да се заштитат само ранливите категории и да се дозволи вирусот да се шири само меѓу оние со помал ризик, тие порачуваат:

„Неконтролираното ширење кај младите значи ризик за значително ширење на болеста и стапката на смртност кај целата популација. Освен човековите жртви, ова ќе влијае и на целосната работна сила и ќе ја намали способноста на здравствените системи да обезбедат итна и рутинска нега“.

Меѓу потписниците има научници од сфери како јавно здравје, епидемиологија, медицина, педијатрија, социологија, вирологија, заразни болести, здравствени системи, психологија, психијатрија, здравствена политика и математички модели.

Дополнително, тие посочуваат дека до сега нема докази дека имунитетот против ковид-19 трае по прележување на болеста.

Наспроти групниот имунитет, нивен предлог е воведување масовни мерки за потиснување и контрола на пренесувањето на вирусот, поддржани со финансиски и социјални програми.

15 октомври 2020 - 19:22