Се претерува со дијагнозите за АДХД заради бенефиции

Системот за социјална помош во Британија е една од главните причини за огромното зголемување на бројот на дијагнози на аутизам и АДХД. Медицинските потврди отвораат порта кон финансиски стимулации, лични бенефиции и поддршка во училиштата и работните места. Ова има несакани последици, затоа што дијагнозата може да стане дел од идентитетот.

Независен извештај нарачан од британската влада предупредува дека непотребните дијагнози на состојби како аутизам и хиперактивност и дефицит на концентрација (АДХД) се генерирани од тоа што тие денес се „единствениот сигурен клуч за поддршка“ на ранливи лица.

Системите не само што ја апсорбираат побарувачката, туку и ја обликуваат. Дијагнозата е важна затоа што овозможува пристап до третман, образовна поддршка, прилагодување на работното место, социјални бенефиции, социјална грижа и специјализирани услуги, се истакнува во обемниот извештај на 607 страници.

Авторот на извештајот, професорот Питер Фонаги од Универзитетскиот колеџ во Лондон, забележува дека пристапот до финансиските права ги поттикнува луѓето да се прикажат во најлошо можно светло на медицинските прегледи, со што во исто време се поткопува и довербата во процесот на проценување.

Владините податоци покажуваат дека во јули годинава 268.965 лица користеле надоместоци за попреченост поради аутизам како основна состојба на попреченост. Во јануари 2019 година таков надоместок користеле 79.395 луѓе. Во истиот период бројот на лица кај кои основна состојба бил АДХД се зголемил повеќе од четирикратно – од 23.741 на 106.087.

Од 2000 година наваму, евидентираната преваленца на АДХД кај момчињата-тинејџери е зголемена речиси 13 пати, додека преваленцата на аутизам е зголемена повеќе од 23 пати. Кај момчињата на возраст од 6 до 11 години, регистрираната преваленца на аутизам се зголемила од 0,4 на 6,3%.

Понекогаш претераните дијагнози наместо да ви отворат можности всушност може и да затворат одредени врати. Постои ризик тие да станат дел од идентитетот и да ја намалат самодовербата и амбициите, вели сер Сајмон Весели, професор на Кингс колеџ.

Во извештајот се повикува на построга контрола врз индустријата за приватни проценки, која е во подем. Независни фирми сега спроведуваат повеќе од една половина од проценките за АДХД и една третина од проценките за аутизам финансирани од здравствената служба (NHS). Расходите на NHS за независни услуги поврзани со АДХД се зголемија повеќе од трикратно во текот на три години. Околу 90% од проценките за аутизам спроведени од независни фирми биле извршени без директно присуство на лицето. Недостасуваат споредливи податоци од NHS.

Авторите на независниот извештај во исто време предупредуваат дека порастот на бројот на проблеми со менталното здравје е реален, влијае врз секојдневното функционирање и не може да се објасни само со зголемената свесност.

Се проценува дека околу 4 милиони деца и млади луѓе - една петтина од младата популација во Британија - денес доживуваат високо ниво на психолошки стрес. Финансиските притисоци, несигурната работа и недостапното домување придонеле за генерација која се плаши дека ќе има полош живот во споредба со нивните родители. Во училиштата е зголемен притисокот поврзан со испитите и има построга дисциплина, а помалку можности за игра и физичка активност. 

Фонаги забележува дека оние што растат во дигиталната ера се сè поизолирани и под постојан притисок.

Животот стана понеизвесен, постојано изложен на набљудување и оценување, со помало чувство на припадност и помалку можности за одмор, закрепнување и обновување на силите, вели професорот.

******
Види и: Неподносливата леснотија на дијагностицирањето

АДХД не треба да се третира како нарушување

9 октомври 2026 - 14:46