Пудра за бебиња, по можност без азбест

Џонсон и Џонсон соочени со неколку тужби дека нивни производи им наштетиле на корисниците, одлучи дека сепак е најпаметно да ја повлечат пудрата за бебиња во која беа откриени траги на азбест.

Се работи за серија произведена и испорачана во САД во 2018, а повлекувањето се базира на лоши резултати на едно пакување од пудрата тестирано од ФДА (Food and Drug Administration) кое покажало многу мали траги на азбест.

Од Џонсон и Џонсон инсистираат дека резултатите не се ништо страшно и дека повлекувањето на производот е направено само заради „изобилие на претпазливост“.

Ваквото „изобилие на претпазливост“ веројатно се должи и на тоа што изминативе години компанијата беше обвинета дека игнорирала можни знаци на контаминација со азбест на нејзините производи.

Повлекувањето доаѓа само неколку денови откако компанијата се согласи да исплати речиси 117 милиони долари за подмирување на една тужба околу еден нивен хируршки производ. Во исто време порота на првостепен суд му додели оштета од 8 милијарди долари на едно момче во судскиот случај против Џонсон и Џонсон по основа дека нивен производ кај него предизвикал раст на женско ткиво на гради.

До сега се поднесени над 10.000 тужби против Џонсон и Џонсон во кои се обидува да се поврзе користењето на нивната пудра со азбест и рак.

22 октомври 2019 - 10:07