Севкупно новите автомобили изработени според последните стандарди помалку загадуваат, меѓутоа проблемот е што има постојана побарувачка за поголеми и потешки модели заради што и има и раст на просечното загадување од издувни гасови.
Последната генерација автомобили создала 7% повеќе загадување отколку оние што се произведени по постари стандарди. Ова им е важна ставка на Британците бидејќи по нивни пресметки возилата создаваат 18% од вкупното загадување на островот.
Анализата покажува дека зголемување на количината издувни гасови има кај секој сегмент на пазарот од мали градски автомобили до џипови, делумно и како последица на се повеќе технологија во автомобилите. Загадувањето најбрзо расте во хибрид сегментот, каде разликата меѓу последните две генерации е 31%.
Сè на сè, возилата произведени од воведувањето на најновите стандарди (Euro 6d и Euro 6d-temp) произвеле 162,1 грама ЦО2 по километар, што е 10,5 грама повеќе отколку возилата произведени за време на претходната генерација стандарди (Euro 6b и Euro 6c).
Разочарувањето од ваквите бројки е што таргетот за авто-производителите беше 95 грама на километар.
Иако не се работи за тест на ВЛТП (Worldwide Harmonised Light Vehicle Test Procedure), бројките од истражувањето на организацијата за заштита на потрошувачи „Which?“ се во согласност со податоците на СММТ (Society of Motor Manufacturers and Traders) според кои просечното загадување од возилата продадени во Британија е во постојан раст во изминатите три години.