За сега во оптек се два модела на казнување на невакцинирани: грчки и австриски.
Грчкиот модел е малку поекономичен ама па повеќе трае и предвидува 100 евра казна месечно за секој невакциниран над 60 години се додека не се вакцинира.
Планот е глобата автоматски да се наплаќа од сметките на граѓаните преку тамошното УЈП.
За премиерот Мицотакис, ова сумата не е казна, туку цена за здравјето на граѓаните „и еден вид правда за вакцинираните, бидејќи не е во ред тие да бидат лишени од здравствени услуги затоа што другите тврдоглаво го отфрлаат очигледното“.
Се проценува дека во Грција околу 520.000 лица над 60 години се уште не се вакцинирани. До сега околу 63% од тамошното население е вакцинирано, а од почетокот на пандемијата Грците имаат над 930.000 заразени и 18.067 смртни случаи од ковид-19.
Грција ќе почне 100-те евра глоба да ги наплаќа од 16 јануари 2022.
За разлика од нив Австријците размислуваат за казна до 7.200 евра за секој невакциниран, со можност за доплата.
Секој што ќе одбие да се вакцинира ќе добие покана за вакцинирање, ако два пати ја игнорира поканата ќе биде казнет 3.600 евра. Ако нивното прекршување на законот за вакцинација „става други лица во ризик“ или продолжуваат да ги игнорираат поканите, тогаш казната расте до 7.200 евра.
Казната ќе важи за жителите на Австрија, а единствено исклучени ќе бидат оние кои не можат да бидат вакцинирани заради здравствени причини.
За сега не се знае дали казната во законот што треба да биде гласан на 6 декември ќе ги опфаќа и тие што не примиле трета доза од вакцината.
Друга работа што не е јасна кај Австријците е што ќе се случува со лицето кое ќе одбие да се вакцинира и по плаќање на казните. Едно од решенијата за кое што се шпекулира е плаќање глоба на секои 6 месеци.
Надвор од ова дел од федералните држави на Австрија, како Салцбург, веќе почнаа со организирање на тимови за тријажа кои ќе одлучуваат кои пациенти ќе бидат хоспитализирани во случај на преполнување на болничките капацитети.