Колку повеќе луѓе носат маски, толку потешко и станува на пандемијата

Советот е од здравствени експерти и се однесува на Американците кои и ова успеаа да го претворат во политичко прашање. Во меѓувреме САД стигнаа до 2,6 милиони случаи на ковид-19.

Културолошко придвижување кај Американците кон прифаќање на постојано носење маски ќе биде еден од наједноставните и најефикасни начини за спречување на понатамошни трагедии и ширење на коронавирусот, порачуваат американските експерти за јавно здравје.

Истите овие, инаку од ЦДЦ, сметаат дека вистинската бројка на заразени со ковид-19 е многу повисока од забележаните 2,6 милиони случаи, и најверојатно се движи околу 20 милиони случаи, заради што објаснуваат дека е чиста фантазија ставот дека вирусот ќе издиши во текот на летото.

Отворањето на сојузни држави како Тексас и Флорида, кои потоа беа присилени да затворат заради големиот скок на инфекции, ќе се избегнеше доколку Американците го прифатеа задолжителното носење маски.

Предупредувањето е дека кога 95% од Американците би носеле маски во јавност, ќе се избегнат 30.000 смртни случаи во земјата.

Притоа, и понатаму важи правилото дека каква било маска е подобра од никаква маска, меѓутоа препораката е минимум да бидат оние за една употреба.

„Маските се неверојатно важни. Пренесувањето на вирусот преку воздух е се поголема грижа и маските се ефикасен начин за тоа да се спречи. Колку повеќе дознаваме за вирусот, толку повеќе ги поттикнувам луѓето да носат маски,“ објаснува Кристал Полит од Школата за јавно здравје на Јеил.

На последните анкети една третина од Американците изјавиле дека само понекогаш или никогаш не носат маски кога се во продавници и слични објекти. Притоа е забележана и сериозна партиска поделба во резултатите, па белите републиканци е многу помалку веројатно да носат маки отколку демократите и црнците, латиносите и азијатите.

За споредба, во Хонгконг со 7,5 милиони жители и преку улица на Кина, од 30 јануари се забележани само 6 смртни случаи од ковид-19. Ова се должи на тоа што 97% од популацијата во градот носи маски, а според тамошните здравствени власти, оние 3% што не носат маски се главно Американци и Европејци што живеат во градот.

1 јули 2020 - 10:52