Како делта сојот ја измести ковид стратегијата на Израел

Земјата која од почетокот на пандемијата е светски лидер во вакцинирање моментално бележи неочекуван раст на бројот на нови случаи на ковид-19.

Израел постепено кратеше една по една од мерките за борба против ковид-19, за минатиот месец да ги укине и последните ограничувања воведени заради пандемијата. Сега под притисок од новиот број заразени, главно од делта варијантата, Израел воведе нови рестрикции за прв пат од јануари.

Благодарејќи на масовната вакцинација бројот на хоспитализирани и понатаму останува низок, но заради предострожност Израел повторно воведе задолжително носење маски во затворени простори и во јавниот превоз, а центрите за тестирање одново се отворени. Наскоро се очекува враќање и на уште некои од основните мерки за претпазливост од вирусот.

Експертите новиот скок на заболени во земјата го припишуваат на комплетното укинување мерки на 1-ви јуни, по кое животот во Израел се врати на времето пред пандемијата, во комбинација со појавата на делта сојот.

„Израелските бројки растат и ќе продолжат да растат. Дефинитивно го гледаме почетокот на четвртиот бран, кој би можел да биде поголем во однос на вкупниот број на заразени. Меѓутоа бројот на сериозно болните е многу понизок отколку во претходните бранови и тој нема да го сруши здравствениот систем. Мора да бидеме подготвени, а не испаничени или хистерични,“ изјавил директорот на инфективниот одел на Шеба медицинскиот центар, Гили Регев Јокај.

Студија на израелското министерство за здравство неделава заклучи дека Бионтек/Фајзер вакцината и понатаму е 93% ефикасна против сериозно заболување и хоспитализација, но само 64% е ефикасна во заштита од заразување.

Моментално над 5 милиони од 9-те милиони жители на Израел се целосно вакцинирани со Фајзер. Заради новите бројки започната е нова кампања за вакцинирана на уште 1,2 милиони тинејџери на возраст над 12 години и невакцинирани возрасни лица.

Откако поживеа еден месец „слобода“ сега израелската јавност главно е фрустрирана што мора пак да се враќа на рестрикциите, кои според властите „многу, многу тешко“ пак би стигнале до затворање на земјата.

„Никој не знае што ќе биде ефектот ако ја оставиме болеста да излезе од контрола. Не сакаме подоцна да мораме да правиме остро вртење за 180 степени,“ изјавил претседателот на израелскиот владин комитет за ковид, др. Ран Балицер.

8 јули 2021 - 11:38