Италија интервентно активираше 10.000 нови доктори

Околу 10.000 италијански студенти по медицина по скратена постапка ќе бидат прогласени за доктори и пуштени во оптек во здравствениот систем на земјата како дел од обидите за справување со вирусот од кој до сега починаа над 2.500 лица.

Со одлуката италијанската влада ќе и дозволи на генерацијата доктори кои треба да дипломираат годинава 8 до 9 месеци предвреме да влезат во служба, и без да го полагаат задолжителниот краен испит.

„Ова значи инстантен наплив на енергија од 10.000 нови доктори во Националниот здравствен систем, што е клучно во справување со недостатокот на доктори со кој се соочува нашата држава,“ се наведува во соопштението од владата.

Новата пратка доктори ќе бидат испратени да работат во општите клиники и во старечките домови, со цел да ги ослободат поискусните колеги кои ќе бидат прераспределени на покритични позиции во италијанските болници.

Освен што ја надмина границата од 2.500 во последните 24 часа вкупниот број на заразени порасна на 31.506 лица, од претходните 28.000. Ова е најголема бројка на заразени надвор од Кина.

Една од најопасните зони моментално е Милано и околината, каде за 24 часа има 343 нови заразени. Во период од три недели на околу 1.135 лица им беше потребна интензивна нега во Ломбардија, а регионот има околу 800 кревети за интензивна нега.

Во регионот Венето, исто така на северот, се планира зголемување на бројот тестови од 3.000 на 11.300 дневно.

„Дури и ако најдеме само еден позитивен случај тоа значи дека ќе имаме 10 инфекции помалку. Стварно не ми е гајле за буџетот. Тоа е помалку важно од животите на нашите граѓани,“ изјавил политичарот и поранешен потпретседател на Венето, Лука Заиа.

18 март 2020 - 10:16