Губењето на осетот за мирис е лоша вест, но може да замириса на добро

Веќе пишувавме за забележаната поврзаност на губењето на сетилата за мирис и вкус и заразеноста од коронавирус. Сега тоа и емпириски е потврдено и почнува да се користи како официјален симптом за ковид-19. Добрата страна е што ова може да ви укаже во која фаза на болеста сте. Ако се враќа пo некој мирис, тоа мириса на оптимизам. 

Губењето на осетот за мирис и вкус досега беше поврзувано со ковид-19 на искуствено, но анегдотално ниво (види: „Губењето на осетот за мирис е првиот симптом на ковид-19?“).

Под наслов „Губењето на мирисот и вкусот како симптоми на ковид-19 кај пациенти со висока стапка на опоравување,“, Универзитетот на Калифорнија од Сан Диего јавува за својата чичка нова студија (12 април, 2020, објавена во International Forum of Allergy & Rhinology) во која за првпат е најдена емпириска потврда за постоење силна врска меѓу губењето на овие осети со ковид-19, респираторната болест која е предизвикана од новиот коронавирус. 

„Според студијата, ако сте го изгубиле осетот за мирис и вкус, десетпати се поголеми шансите дека сте заразени токму од ковид-19 а не од друга инфекција. Најчестиот прв знак на ковид-19 останува зголемената температура и треската но општата слабост и губењето на осетот за мирис и вкус следуваат веднаш потоа како многу чести симптоми“, вели доктор Карол Јан.

Од оние кои испитаници пријавиле проблеми со овие сетила, се работело за сериозни а не умерени загуби на сетилата но охрабрувачки е што стапката на нивно опоравување била висока и тоа се случувало за две до четири недели.

„Нашата студија не покажа само висока поврзаност на овие симптоми со конкретната болест туку и дека сензорното опоравување е прилично брзо кај мнозинството пациенти. Кај 70% сетилата им се вратија додека траеше студијата а многумина кои не пријавија подобрување се скоро дијагностицирани луѓе“.

Враќањето на сетилата обично се поклопува со тајмингот на општото опоравување од болеста. Интересно е што оние кои се пожалиле на еден друг, исто така често наведуван симптом, болно грло, често биле негативни на коронавирус.

УК Сан Диего сега го вклучува губењето на осетите во скрининг процедурите за вработените и посетителите а ќе го користи и како маркер за тестирање луѓе кај кои постојат индиции дека се позитивни на вирусот.

14 април 2020 - 19:56