
Истражувачи велат дека губењето на осетот за мирис (и вкус) би можело да се користи како клучен клинички индикатор за рано откривање на болеста која знае да мине и без симптоми и без вообичаена шема на симптоми. Надежта се темели на тоа што најмалку еден од тројца ковид-19 пациенти го пријавиле губењето на осетот за мирис како прва најава дека нешто се случува со нив.
За темата пишуваат и Неуросајенс и Њујорк Тајмс.
„Тоа се тие 'тивки носители' кои минуваат недетектирано од актуелните скрининг процедури а со кои можеби се објаснува рапидниот прогрес на болеста во толку многу земји. Иако се неопходни дополнителни истражувања, податоците од Јужна Кореја и Германија велат дека губењето на осетот за мирис (аносмија) го пријавиле еден или двајца од тројца пациенти,“ вели специјалист по уста, нос и грло од Универзитетот Флиндерс од Австралија.
Идентификацијата н овие носителите би можела да им помогне на многу земји во нивната главна цел, да ја продолжат и ублажат кривата на заболени. И специјалистите од Велика Британија бараат губењето на овој осет да се третира како важен симптом кој би можел да открие асимптоматичен носител на коронавирусот. Нивното здружение побара докторите по оториноларингологија веднаш да ги стават сите заштитни средства кога пациент ќе им го пријави тој симптом и наложија да се избегнуваат неитните ендоскопии на синуси бидејќи вирусот најмногу се реплицира во носот и грлото а при таквите процедури честопати доаѓа до кивање или кашлање.
И американските стручњаци од оваа област предупредија дека симптоми на аносмија, во отсуство на алергија или синуситис, треба да ги алармира докторите да го тестираат пациентот на коронавирус и да му наложат самоизолација.