Европа се барикадираше по новата варијанта на ковид откриена во Јужна Африка

По неполни 100 случаи на заразени од Б.1.1.529 варијантата на ковид-19 во Јужна Африка, речиси цела Европа забрани дојдовни летови од Јужна Африка, а по пат и од неколку други африкански држави.

Станува збор за најмутираната верзија на вирусот до сега „која има толку долга листа на мутации што од еден научник беше опишана како ужасна, а од друг како најлошата варијанта до сега видена“.

Б.1.1.529 најверојатно во скоро време ќе ја добие својата грчка буква за препознавање. За сега се знае дека се работи за „многу невообичаена констелација на мутации“ и дека е многу поразлична од досегашните варијанти што беа во оптек.

„Оваа варијанта нè изненади, има голем скок во еволуцијата и многу повеќе мутации отколку што очекувавме,“ изјавил директорот на Центарот за епидемиски одговор и иновации на Јужна Африка, доктор Тулио де Оливеира.

Оливеира изјавил дека Б.1.1.529 имала вкупно 50 мутации, од кои повеќе од 30 се на „боцките“ со кои вирусот пробива во нашите клетки, кои се главна мета на најголем дел од вакцините. Од овие 50, на делот со кој вирусот се закачува на нашите клетки откриени се 10 мутации. За споредба, делта варијантата која го покоси светот, во овој сегмент имаше само 2 мутации.

Главниот страв е дека по сите овие мутации, овој вирус е радикално различен од оригиналот што се појави во Вухан, што значи дека вакцините направени со користење на оригиналната нишка, веќе може да не се толку ефикасни.

Процената е дека овој вирус би можел полесно да заразува, полесно да се шири од човек на човек и да заобиколува делови од човековиот имунитетен систем.

Првиот случај од новиот вирус е регистриран на 12 ноември.

Без разлика што Б.1.1.529 допрва треба да покаже дали ќе биде кошмарот што го предвидуваат или ќе излезе силен само на хартија (пример како Бета варијантата), сите 27 членки на ЕУ ќе воведат забрана за летови од Јужна Африка и малку пошироко, истото веќе го направија Британија, Израел и Сингапур, а властите на Австралија и Нов Зеланд објавија дека внимателно ја следат ситуацијата.

Денес во Белгија беше регистриран првиот случај на Б.1.1.529 во Европа.

26 ноември 2021 - 14:28