"Во минатото моралистите и психолозите ја сметаа хомосексуалноста за ментално пореметување. Денес, во таков радикален пресврт на ситуацијата од кој би можело да ве фати вртоглавица, активистите за геј права и нивните подржувачи го имаат истиот став кон хомофобијата. Оние кои беа против грешниците самите станаа грешници; оние кои некогаш беа ужаснувачки означувани како ментално проблематични сега ентузијастично ги обвинуваат нивните критичари за лудило, репресија или пореметеност.
Земете ја предвид дискусијата во врска со кардиналот Кит О'Брајан. Станува грдо. Не само затоа што е прилично јасно дека коментаторите со анти-католичко убедување ги користат хипотетичките престапи на кардиналот за да плукаат на католичката теологија, туку исто така и заради тоа што постои инсинуација дека О'Брајан, како и сите „хомофоби", има некаква болест на мозокот. Неговата хомофобија е поттикната од самопрезир и омраза кон неговото геј јаство, тоа е вид „неуроза", велат коментаторите.
Сè повеќе, хомофобијата - или она што повеќе сакам да го наречам анти-геј предрасуда - се прикажува како болест а не како едноставен (погрешен) морален став. Дури и самиот збор хомофобија, кој мислам дека е исто толку навредлив како и зборот „исламофобија", зборува во корист на идејата дека критикувањето на хомосексуалците или на нивниот животен стил или идејата дека ним треба да им се даде пристап до институцијата на бракот, е знак за ментална болест. Фобијата, на крајот на краиштата, е ирационален страв, дефиниран во психијатриските кругови како „абнормален" ужас кој го предизвикуваат секојдневни ситуации, предмети или организми.
Кардиналот О'Брајан е дијагностициран со „инвертирана хомофобија", односно ирационален страв и омраза свртени кон внатре - кога набљудувачите ги коментираат неговите „невротични опсесии", како и оние на останатите кои се анти-геј. Пред неколку години, писателот Мартин Кантор отворено ја опиша хомофобијата како „емоционално пореметување", веројатно и „ментална болест", што ги диференцира оние кои ги мразат хомосексуалците од оние кои Кантор ги нарекува „нормални" - односно оние кои нив ги толерираат. Хомофобијата неодамна е ставена под микроскоп од страна на Journal of Personality and Social Psychology, месечник на Американското психолошко Здружение - истата организација која, до 1973, ја дефинираше хоосексуалноста како ментално пореметување. Изгледа дека критикувањето на хомосексуалците ја има заменето самата хомосексуалност, како опсесија на оние кои се одлучни во патологизирањето на човечките ставови и однесувања.
Оние кои ги етикетираат анти-геј моралистите како ментално пореметени, како потиснати, самопрезирачки хомосексуалци, никогаш не застануваат за да помислат дека работите можат да бидат покомплицирани од ова - исто како што и оние кои во средината на дваесетиот век ја опишуваа хомосексуалноста како ментална болест никогаш не земаа предвид дека таа можеби е совршено нормален аспект на човечката желба. Во обата случаја, во обете етикетирања на хомосексуалноста и хомофобијата како облици на внатрешна неуроза, целта е да се делегитимизира она кое не ни се допаѓа велејќи: „О, тоа е само вид лудило. Не се занимавајте со тоа - излечете го." Тоа е крајно кукавички пристап кон политичката и моралната дебата, и до постоењето на разлика".