За светот нема поголема закана од нова општа трка за нуклеарно вооружување, предупредува Рафаел Гроси, директорот на МААЕ. Тој е убеден дека „црвената линија“ се уште не е премината, но војната во Иран поттикнала многу потписнички на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT) јавно да изразат амбиции да го прекршат глобалниот пакт и да развијат сопствен нуклеарен арсенал.
Актуелната глобална атмосфера на фрагментација, конфликти и поларизација создава чувство кај многу земји дека се недоволно безбедни и заштитени. Неколку важни земји во Европа, во Мала Азија, на Далечниот Исток ја спомнаа таа можност и таму се води јавна дискусија, вели Гроси во интервју за Телеграф.
Според Договорот за неширење на нуклеарното оружје, усвоен во 1970 година, 191 земја им го призна правото на САД, Советскиот Сојуз, Кина, Британија и Франција да бидат единствените нуклеарни сили. Сите потписнички се обврзаа дека нема самите да развиваат или да купуваат нуклеарно оружје, а петте што веќе го имаа се обврзаа дека нема да им даваат оружје или технологија на другите. Во меѓувреме, нуклеарни сили станаа и Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, кои не беа потписнички на НПТ.

Убедливо најмногу атомски бомби денес имаат САД (5.277) и Русија (5.459), која го презеде арсеналот од Советскиот Сојуз. Кина има околу 600 атомски бомби, Франција 290, Британија 225, Индија 180, а Пакистан 170. Израел никогаш ниту потврдил ниту негирал дека има атомско оружје, но се смета дека има помеѓу 90 до 100 нуклеарни бојни глави. Северна Кореја има 50 конструирани и фисиски материјал за уште 90.
Политичките лидери во Полска, Турција и Саудиска Арабија отворено изјавија дека би можеле да почнат сопствени програми за нуклеарно оружје ако се соочат со дестабилизиран свет и ако не бидат покриени со нуклеарниот чадор од НАТО, односно од САД. За стекнување нуклеарен арсенал се дискутира и во Јужна Кореја и во Јапонија, па и во политички кругови во Шведска. Се зборува како за „ширење на пријателска основа“. Тоа ме загрижува, бидејќи свет во кој 20 или повеќе земји би имале нуклеарно оружје би бил исклучително опасен, вели Гроси.
На Блискиот Исток, заканата дека Иран може да развие нуклеарно оружје ја поттикна Саудиска Арабија да размислува за свој арсенал за одвраќање, слично како што направија Индија и Пакистан во 1998 година. Постои ризик и од нуклеарните материјали во Сирија, кои сè уште не се пронајдени по соборувањето на режимот на Башар ал Асад.

Гроси гледа потенцијал за договор во преговорите помеѓу САД и Техеран за иранската нуклеарна програма, но предупредува дека МААЕ мора да биде активно вклучена.
Без верификација, договорот не е договор. Тоа е илузија или е ветување, за кое не знаете дали ќе се почитува или не. МААЕ може да потврди дека договореното ќе се почитува. Го познаваме Иран многу добро, сите објекти. Ние сме единствените што можеме да гарантираме апсолутна непристрасност во работата. Но, ако страните се согласат да направат нешто друго, па тоа е во нивна слобода, вели Гроси.
Иран ги блокираше инспекциите од МААЕ откако Доналд Трамп во првиот мандат ги повлече САД од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма. САД лани ги бомбардираа иранските нуклеарни објекти и тогаш објавија дека ги уништиле, но во март повторно ја истакнаа „нуклеарната закана“ како повод за новата војна.
Трамп се закани и со копнена инвазија за да го грабне на сила иранскиот нуклеарен материјал. Гроси не поддржува насилно грабање.
Има големи предизвици за таков потег. Не се сомневам дека САД имаат воени капацитети да го сторат ова, но само велам дека ова е многу деликатна работа за справување, за манипулирање и за транспорт, укажува шефот на МААЕ.
