Јенс Ханинг се договара со Кунстен музејот од северот на Данска, да позајми пари од нив за да реплицира едно свое претходно дело во кое ги претставува годишните приходи на просечен Австриец и Данец со редење на банкноти во соодветниот износ.
Кунстен му пушта пари, 534.000 дански круни, а Ханинг по некое време им го испорачува завршеното дело. Проблемот е што за разлика од оригиналот, музејот добива само две празни рамки, без ниту една единствена банкнота во нив.
Рамките се насловени „Земи ги парите и бегај“.
Додека музејот се чувствува некако ограбен, Ханинг објаснува дека станува збор за уметнички коментар на модерниот капитализам и дека „уметничкото дело е тоа што им ги земав парите.“
„Ова не е кражба, туку е прекршување на договорот. А прекршување на договорот е дел од делото,“ изјавил Ханинг.
Музејот сега ги има изложено двете празни рамки, и најави тужба за Ханинг ако до крајот на изложбата, во јануари 2022, не ги врати парите.