Во најголем дел од историјата на своето постоење, човекот верувал дека Земјата е рамна, бидејќи е очигледно (со тоа што очигледноста не секогаш е добар сојузник на вистината).
Потоа науката суверено го разјасни тоа прашање, меѓутоа, секогаш ќе постојат луѓе кои нема да дозволат да робуваат на окови од типот 2+2=4.
На интернет сврталиште на рамноземјаши наречено Flat Earth Society, уште во 2008 година се појави идеја дека Земјата не е геоидна (неправилно тркалезна) туку тороидна (во форма на крофна, или гума за пливање).
Иако започна како шала, таа идеја со текот на време добиваше сè поголем број приврзаници, без разлика што „теоријата“ зад неа е доста лефтерна. Пионерски член на оваа групација е извесен Варауг кој ги „објаснува“ работите и најчесто одговара на незгодни прашања.
На пример, зошто досега ја немаме видено онаа дупка од средината на крофната? Затоа што и светлината се закривува и ја следи облината на тороидот (крофната) што ја прави дупката невидлива.
За среќа на неупатените, некои делови од оваа теорија Варауг ги прави лесно разбирливи. На пример, дека гравитацијата постои исто како во официјалната теорија за геоидна планета а за полесно да го визуелизираме тоа, треба да замислиме дека крофната е полна со џем, па „гравитацијата влече накај џемот“.
Не е јасно што чекаат локалните астро-револуционери па уште не ја пуштаат во оптек идејата за Земјата како симит погача.