Во 1974 година, Ерно Рубик бил млад, 29 годишен професор по дизајн кој сè уште живеел со својата мајка во Будимпешта. Сакал да направи некаков модел за своите студенти а во тоа време најмногу го интересирал структурниот дизајн.
Почнал да си игра со дрвени блокови, попат почнал да ги врзува со ластиче и на секоја страна да им лепи ливчиња во една боја. Така ја добил униформната коцка. Се разбира, веднаш посакал да ја измести и прошара па почнал да ги врти страните што и само по себе му било доволно интересно.
Но, по некое време, решил дека е доста со играње и дека треба да ја врати коцката „како што беше“.
Ете го проблемот.
„Беше прекрасно да се гледа како со неколку потези се менуваат боите на страните и како се мешаат во случаен дизајн. Како некоја шарена парада. По некое време си помислив, доста е, дај да ја наместам како на почетокот. Дури тогаш ми дојде моментот: Чекај, како се мести ова?“
Во тој момент не бил сигурен ни дали постои решение на таквата задача. Му требал цел месец обиди и вртења за да дојде до решението. Вели дека памти како гордо ѝ ја покажал на мајка му и како и таа била пресреќна што ја решил (иако таа веројатно би била посреќна син ѝ со нешто паметно да се занимавал).
Оттогаш, се проценува дека во светов се продадени преку 350 милиони Рубикови коцки а актуелниот рекорд во местење е 4,37 секунди.
„Ако си љубопитен, ќе пронајдеш загатки околу себе. А ако си решителен и посветен, ќе најдеш и решение за нив“, вели Рубик во мемоарите за кои пишува магазинот Дискавери.