Земјотресите не убиваат луѓе, куќите што се рушат од земјотрес ги убиваат, вели една колоквијална мудрост. И така е, од сите жртви на земјотреси во минатиот век, три четвртини загинале од објектот кој не го издржал земјотресот.
Група инженери сега порачува дека постои решение и за посиромашните земји кое во иднина може да спаси милиони животни.
Наместо да бараат начин како да не се сруши објектот, тие се посветиле на прашањето како да се добие време пред тој да потклекне под неговата сила.
"Ако го продолжиме времето од една на 15 секунди, луѓето ќе имаат шанса да избегаат," вели еден од екипата
Решението го нашле во евтина пластична мрежа со која се опшива објектот и служи како мидер или корсет кој извесно време може да ги држи ѕидовите да не колабираат. На крајот и мрежата ќе попушти но се добиле дополнителни секунди за евакуација.
По нивните проценки, пластичната мрежа би го намалила бројот на жртвите дури за 80% во случаи на големи земјотреси каков што беше оној во Непал во април годинава.
Пластичните мидери веќе почнале да се ставаат на ќерпичи во Пакистан.