Што е реалноста и како ја дознаваме? За повеќето од нас, одговорот е едноставен. Она што го гледаме, слушаме, доживуваме, пипаме или вкусуваме, тоа е тоа. Летно време на кожата ѝ е жешко затоа што ја пече сонце. Тортата која сме ја изеле била слатка и плус ни оставила парче шлаг на устата, значи мора да постоела. Сетилата ни укажуваат дека реалноста е тука а го користиме разумот за да ги пополниме празните места: затоа знаеме дека сонцето постои и ноќе, кога не ни ја пече кожата.
Но, когнитивниот научник Доналд Хофман вели дека ние баш погрешно ја разбираме нашата врска со објективната реалност. Всушност, еволуцијата нè има доведено во перцепциска виртуелна реалност. За наше добро.
Идејата дека ние не сме способни да бидеме сигурни во перцепирање на објективната реалност не е нова. Знаеме дека имаме инсталирани когнитивни предрасуди и его механизми за одбрана. Магионичари лесно можат да нè дриблаат што всушност сме виделе а на секој еден човек што гледа зајак, ќе најдете друг кој гледа патка:
Но, хипотезите на Хофман одат многу подалеку. Тој тврди дека нашата перцепција не е ни приближна на реалноста. Напротив, еволуцијата придонела перцепцијата да нè храни со колективна илузија, само за да ги подобриме нашите шанси за преживување.
Употребувајќи еволутивна гејминг теорија, тој и неговите соработници креирале компјутерски симулации за да видат како се држат „вистинитите стратегии“ (оние кои се потпираат на објективната реалност) во споредба со „исплатливите стратегии“ (оние кое се базираат на вредноста на преживувањето). Вториве се покажале како супериорни. Бидејќи луѓето не се изумрени, симулациите сугерираат дека ние гледаме апроксимации на стварноста, она што ни е потребно да го видиме (за да преживееме како вид) а не она што навистина е.
Перцепцијата на реалноста Хофман ја споредува со иконите од екраните на нашите смартфони. Ние гледаме само симболи на далеку покомплексни стварности.