Белгискиот принц си бара човекови права

Му ја скратиле апанажата и плус му замериле што во воена униформа отишол кај Кинезите да ја слави нивната армија. Заради ваквото малтретирање од страна на државата, овој нескротлив аристократ апелира да му се почитуваат оние права кои денес ѝ се загарантирани дури и на рајата.

Белгискиот премиер реши на белгискиот принц Лорен за 15% да му ја намали годишната надокнада која изнесува 380.000 евра.

Дополнително, премиерот Шарл Мишел го повикал во кабинет помладиот и ексцентричен брат на белигискиот крал Филип заради скандалот во кој се дозна дека Лорен, во полна воена униформа бил во кинеската амбасада во Брисел, на прослава на годишнина од формирање на нивната армија.

За тоа немаше ни да се дознае ама проблематичниот принц сам твитна своја слика од настанот.

Лорен не дошол на средбата со премиерот и се извадил дека не е нешто арен. Ама затоа му пратил поплака на седум страници во која се жали на непочитување на неговите основни човекови права. Според него, обидите да му се ограничат средбите со претставници на други држави е во директна спротивност со членот 8 од Европската комисија за човекови права и истото го води во „социјален изолационизам“.

Башка намалената плата, а вика дека не му личи да работи, бидејќи според традиционалните сфаќања, тоа би се толкувало како да е лаком за пари.

Одењето кај Кинезите не е прв негов гаф од ваков вид. На времето Лорен редовно одел во Либија за што мотиви беа барани во неговите бизнис зделки со братот на Гадафи, а му се трапоса и на оспоруваниот претседател на Демократска Република Конго, Џозеф Кабила, човекот кој е на тоа место само затоа што прогласи дека земјата нема пари за нови избори.

Капак на сè, белгискиот принц нема ни возачка дозвола, која му беше одземена откако над дозволениот лимит ја надминал пропишаната брзина на возење.

Тогаш Лорен рече дека за луѓе со брзи коли треба да постојат посебни возачки дозволи, инаку што би купувале брзи коли.

Принц, а цар.

 

1 декември 2017 - 17:23