Поширокиот регион на Сан Франциско фасцинантно се опоравува од финансиската криза. Од нејзиниот врв во 2008 до сега се отворени нови 640,000 работни места. Меѓутоа, градежниот сектор каска зад ваквиот економски и популационен раст па една ланска студија покажува дека дури 75% од луѓето мора да запалат кола за да стигнат до работа и дека само 25% од новите деловни згради имаат пристап со некаков регионален транзит.
Планот на надлежните за освежување на градежните активности и охрабрување на луѓето да ги баталат колите предизвикува доста полемики а се темели на тоа да се овозможи масовно градење во близина (во радиус од еден километар) на транспортните станици (автобуски, железнички или ферибот станици кои имаат две или повеќе линии со фреквентност од 15 минути). Тоа би се овозможило со олабавување на критериумите за градба на тие локации, со што би се намалила конечната цена на градбата.
За 39% од вкупните штетни гасови во Калифорнија одговорен е транспортот, а доколку проекциите се точни, ваквиот градежен бум околу станиците ќе придонесе за намалување на емисијата на штетни гасови еквивалентно на отстранување на 378.000 автомобили од улиците и патиштата.
Со оглед на тоа што ниедна од богатите бели населби во Л.А. или Сан Франциско нема да биде засегната од новиот план, противниците се сомневаат дека целата акција има за цел дополнително да се сегрегира сиромаштијата.