Спортот, господар на телевизијата

Најскапоцениот медиум на светот не е ниту CNN, ниту NBC, ниту Фокс, ниту пак британски BBC. Престолот неприкосновено го држи ESPN.

Во 1996-та година, Дизни го купува EPSN во комбинација со ABC, по цена од 19 милијарди долари. Годинава (само) ESPN е проценет на неверојатни 40 милијарди долари. Сумата е импозантна ако се има предвид дека Дизни (со сите паркови, авторски права и слично) вреди 84 милијарди долари.

Во истиот период од купувањето до денес, цената на ABC сериозно паѓа и денес ABC networks чинат 1,7 милијарди долари, плус ABC Station Group дополнителни 2,6 милијарди долари. Ова е нешто повеќе од 10% од денешната вредност на нивниот "колега од спортска."

ESPN годишно му носи на Дизни 6,1 милијарда долари од лиценцирање на програмата и дополнителни 10,3 милијарди долари од реклами што брендот ги собира од своите ТВ канали, списанија и интернет страната. На сето ова плус доаѓаат и приходите од директните претплати од кабелските корисници.

За споредба, моменталната пазарна вредност на Њујорк Тајмс е 1,3 милијарди долари.

Единствени две медиумски компании кои вредат повеќе од 40 милијарди долари се Њуз Корп. (58 милијарди) и Комкаст (96 милијарди). Сепак треба да се има предвид дека вредноста на Њуз Корп. е поделена меѓу десетици најразлични брендови, додека најголем дел од приходите на Комкаст доаѓаат од бизнисот со кабелска телевизија.

12 ноември 2012 - 11:05